Како новинарите станаа агенти на шпионската држава

Оние кои порано се бореа против непотребно и прекумерно следење и шпионирање на своите сограѓани, за многу кратко време станаа промотори на кодошлук. Угледни медиумски аутлети сега промовираат новинарство кое се спроведува во соработка со разузнавачките и шпионски  служби.

Што ти прави само една деценија!

Пред нешто повеќе од десет години, на 25 јули 2010 година, Викиликс објави 75.000 тајни извештаи на американската војска во врска со војната во Авганистан. „Њујорк Тајмс“, „Гардијан“ и „Шпигел“ помогнаа во објавувањето на документите, кои беа поразителни за разузнавачката заедница и војската на Америка. При тоа беа откриени системски злоупотреби на моќ како резултат на што се извршени масакри врз цивили и беше откриено постоењето на единицата за атентати, ТаскФорс 373 на чија листа според некои извори имаше 70 лица, а според други 2.000 лица, при што  постоење на оваа единица САД го чувале како тајно, дури и од нивните сојузници.

Дневниците за Авганистанската војна (The Afghan War logs) беа вистинско опозиционерско новинарство, кога медиумите како Ле Монд, Ел Паис, Дер Шпигел, Гардијан, Њујорк Тајмс и други соработуваа со Викиликс. Официјалните доверливи тајни кои беа обелоденети пред десет години беа во обем што не беше виден со децении ( од Чрч комити) при што новинарите имаа увид во 250.000 американски дипломатски белешки (целокупната архива односно коресподенција помеѓу американските амбасади и Стејт департментот), но и да ги прочитаат досиејата за секој затвореник во американскиот затвор Гвантанамо лоциран на Куба (поради што не е опфатен со американските закони за третирање затвореници) и стотици илјади дополнителни документи за сè, од војната во Ирак до прикривање на еколошки катастрофи, како и активности со кои се начна и „помогна“ активирањето на Арапската пролет (почнувајќи од немирите во Тунис, па продолжувајќи со хаосот во Египет и војните во Либија, Јемен и Сирија кои до ден денешен траат).

Како реакција на ова објавување на факти - компании како Амазон, Мастер Кард, Виза и Пејпал ја исклучија можноста за финансирање на Викиликс преку донации од граѓаните, а Пентагон ја преплави веб страницата на Викиликс со DOS (denial  of service) напади. Сепак протекувањето на информации преку Викиликс продолжи. Едно лице инспирирано од ваквите откритија за злоупотребување на моќта, беше поранешниот контрактор на НСА, Едвард Сноуден, кој истапи и помогна да се објават нелегалните американски програми за електронско следење и набљудување на домашната јавност. Оваа новинска приказна доби Оскар и Пулицерова награда за документарецот на Лора Поитрас и новинарите Глен Гринвалд и Џереми Скахил. До 2014 година, членовите на Конгресот во обете партии бараа оставки од шефот на ЦИА Џон Бренан и директорот за национално разузнавање Џејмс Клапер, бидејќи преку дел од објавените информации се виде дека и двајцата лажеле под заклетва во своите искази пред неколку комисии формирани од Конгресот, што според американските закони е кривично дело.

Кулминација на овој период се случи кога основачот на eBay и милијардер, Пјер Омидијар, го основа „Интерсепт“ во февруари 2014 година. Овој приватен медиум беше посветен на пребарувањето на тајните скриени во архивата од Сноуден, при што во првата сторија што беше објавена беше опишано како НСА и ЦИА често правеле грешки при користењето на геолокациски податоци за да ги идентификуваат целите врз кои се вршени атентати со користење на беспилотни летала. Неколку месеци подоцна, поранешниот директор на ЦИА и НСА, Мајкл Хајден призна: „Ние убиваме луѓе врз основа на метаподатоци“.

Форвард седум години: Џулијан Асанж е зад решетки, и може да умре таму. Сноуден, од сите места на планетава, е во егзил во Русија. Бренан, Клапер и Хајден се рехабилитирани (се разбира дека никој не ги гонеше кривично за лажењето на Конгресот и јавноста) и истите се платени стотици илјади долари годишно како ТВ соработници или на МСНБЦ или на Си-Ен-Ен. Тие се дел од бранот на поранечни разузнавачи/шпиони кои како гости и експерти ги преплавија медиумските ТВ бранови и новински едиторијали и колумни во последниве неколку години, вклучувајќи ги тука Аша Рангапа, Клинт Вотс, Џош Кембел, поранешниот шеф на контраразузнавањето Френк Фиглузи и поранешниот заменик директор Ендру Мекејб сите од ФБИ, а од ЦИА Cон Сифер, Фил Муд, Нед Прајс и многу други (види на Офф: Перверзиите во бракот меѓу службите и медиумите)

Медиумите прво започнаа со одвлекување на вниманието од злоупотребите на разузнавачките агенции и го пренасочуваа вниманието кон темите за „страшилото Трамп“, лажните вести и руското мешање, започнаа соработка со медиумски аутлети одобрени и верификувани од Лангли (адресата на ЦИА во Вирџинија, САД), како што се Хамилтон 68 , Њу нолиџ, и особено Белингкет, кој претставува еден вид на алтер-его на Викиликс посветен на објавување на податоци за злоупотребите од страна на режимите на Русија, Сирија и Иран, само не на САД и нејзините сојузници. Поранешниот заменик-шеф на операциите на ЦИА за Европа и Евроазија, Марк Полимерополос, за работата на оваа група рече: „Не сакам да бидам премногу мелодраматичен, но ние многу ги сакаме (Белингкет)“.

После немирите од 6 Јануари 2021 година на Капитол, војната против тероризмот се префрли дома, и „домашните терористи“ ја добија улогата што претходно им беше доделувана на непријателските војници од боиштата. Џорџ Буш своевремено започна кампања за целосно насилно пацифицирање на секое прибежиште на терористите, ветувајќи дека со „бомбардирање ќе ги истера од нивните дупки“.

Сега по ново, новата кампања има за цел гаснење/елиминирање на платформите за комуникација кои се сметаат за колку-толку безбедни од следење, а кои аналитичарката на ЦНН и поранешна вработена во министерството за домашна безбедност Џулиет Кајем, ги идентификува како интернет платформа што им дозволува на луѓето (т.н. домашни екстремисти) да зборуваат слободно меѓу себе.

Брзо брзо, некои новинари ветија помош, барајќи докази за огрешување во дигиталните дупки во кои се кријат домашните екстремисти, споредено со пештерските дупки во кои се криеја вистинските терористи. И така прочитавме за предупредувањата на Гардијан за опасностите кои демнат зад подкастите, тврдењата на „ProPublica“ како лабавата и неконтролирана околина на „Епл“ придонесе за немирите на 6 јануари, а новинарите од „Верџ“, „Вajс“ и „Њујорк Тајмс“ мониторираа разговори на платформата Clubhouse во потрага по докази за опасни и забранети мисли.

Како поклонение кон и инспирирани од лудилото кое се случуваше во САД во годините кога се објави војната против тероризмот, новинар на GQ минатата недела во Твитер разговор со авторот на озлогласениот говор на Џорџ Буш за „Оската на злото“ афирмативно бараа од „властите“ да се затвори Фокс Њуз, бидејќи долевале масло на огнот.

Повеќе медиумски аутлети објавија планови за набљудување и следење на „домашните екстремисти“ во отворена или имплицитна соработка со властите. Програмата за истражувачко новинарство на Frontline, ProPublica и Berkley Journalism користела „високо-прецизна дигитална форензика“ за да открие „докази“ за десничарските Бугалоу, а Хафингтон пост  соработувал со „ловците на бунтовници“ од групата „Deep State Dogs“ на Твитер. Во еден од текстовите на Хафингтон Пост, од февруари, не само што се зборуваше за подготвеноста на новинарите да работат со органите на прогонот, туку и за нетрпеливоста заради бавноста во водењето на службените постапки, споредено со брзината на делување на оние граѓани кои глумат детективи.

Од Интерсепт веќе заминаа основачите Лора Поитрас и Глен Гринвалд, а овој медиум ја затвори и архивата на Сноуден, заради, според нивни зборови, „да се фокусираат на други приоритети“. Наскоро потоа нивната матична компанија „First Look Media“започна партнерство со „PassionFlix“, чие мото е „Претворање на вашите омилени романтични романи во филмови и серии“.

Не остана незабележано од некои сегашни и поранешни вработени на Интерсепт дека чешлањето низ приватната документација на обичните луѓе, во стилот како кога ФБИ лови вистински терористи, е суштински спротивно од првичната мисија на Интерсепт, која се фокусираше на институционалните злоупотреби од страна на разузнавачките институции на кои сега се толку желни да им помогнат.

„Дека медиум основан со цел да се бори против масовното надгледување/ шпионирање на обичните граѓани и да ги заштити правата на приватност, сега трола низ украдени дигитални податоци на приватни граѓани со цел да ги открие и казни за мисловни злосторства и идеолошко несогласување, е исто толку гротескно, колку што е иронично “, Вели Гринвалд.

Мат Таиби

 

 

 

15 мај 2021 - 12:12