Како што тоа беше јасно уште од затворањето на истрагата на Мулер која заврши така што ниеден американски државјанин не беше обвинет за завера со Русија околу изборите во 2016-та, така и извештајот на генералниот инспектор потврди дека сиве овие години, клучните наративи и тврдења на големите американски медиуми беа гола лага, пишува Глен Гринвалд во Интерсепт.
„Ако не сметате дека тоа што ФБИ лажел, криел докази и манипулирал со документи за да може да шпионира американски граѓанин е голем сканадл, тогаш што вас е голем скандал?“ прашува Гринвалд цинично додавајќи дека тоа сепак не треба да чуди ако се знае дека ФБИ сè уште има седиште во зграда која го носи името на Едгар Хувер, човекот кој многупати има уценувано избрани политичари и кој со уцени се обидел да го натера Мартин Лутер Кинг на самоубиство.
Се работи за случајот со еден поранешен член на кампањата на Трамп, Картер Пејџ, кому, за да биде прислушуван, ми била намонтирана улога на руски агент. ФБИ во два наврата успева да го измами специјалниот ФИСА суд кој дава дозволи за надгледување а за кој се тврдеше дека работи по строги процедури кои оневозможуваат злоупотреба на шпионирањето на своите граѓани. Во првата прилика во седум точки а во повторните барања во 10 точки досието на ФБИ за Картер било сечено, лепено и монтирано. ФИСА без проблем дала благослов за следење на неговите комуникации.
Но скандалот е уште поголем од медиумски аспект. Во овој случај медиумите не само што ја повторија грешката со Ирак кога ја голтнаа приказната дека Садам поседува хемиско оружје туку дополнително се зацапаа, дозволувајќи им на луѓе од службите да им ги обликуваат вестите и наративот.
Ако некогаш пензионираните офицери на ЦИА, ФБИ или НСА играа голф или пишуваа внимателно прочистени мемоари, денес тие се на платен список на куќи како CNN или NBC во својство на аналитичари и експерти кои доминираат во вестите и дебатите. А нивната лојалност првенствено е фиксирана за службите кои ги форматирале а не кон јавниот интерес.
Во 2008-ма година, Дејвид Барстоу од Њујорк освои Пулицерова награда обелоденувајќи ја тајната програма на Пентагон во која пензионирани генерали и други високи лица од службите за безбедност се инфилтрирале како коментатори во медиумите а потоа меѓусебе ги координирале настапите и поентите кои треба да ѝ бидат пласирани на јавноста.
Но, ако тогаш се криеле, денес тоа го прават отворено. Денес не можеш да вклучиш програм на CNN или NBC a да не бидеш бомбардиран од екс генерали, оперативци на ЦИА или службеници на НСА кои работат за овие медиумски мрежи како коментатори и во последно време сè почесто, како репортери.
„Последните три години од покривањето на фамозниот Русијагејт - во кои американски новинари се изнадобија Пулицери и други награди и покрај повеќекратните опасни грешки и резили - известувањата речиси комплетно се темелеа на анонимни и непотврдени гласини на оперативци на Дип стејтот (да, тој термин апсолутно им стои на САД)", пишува Гренвалд.
Како што пиша Мат Таиби, еден од малкутемина од лево/либераланта страна кој има храброст и интегритет да се оддалечи од скриптите на службите, колку и да се смета Трамп за опасен и штетен за американските интереси, начините на кој тој се руши ги уриваат самите темели на американското општество: слободни медиуми, информирани граѓани и владеење на правото.