Ројалче си ти, такав сам и ја

Мислиш влегуваш во ресторан, а оно, упаѓаш во "портал кон бескрајот". Мислиш од ресторанот треба да излезеш фино најаден, напиен и расположен а од таму излегуваш со "внатрешно чувство на божественост". Вот д фак? Така ви е тоа е тоа во земја во која освен традиционални, рибји, италијански и други стандардни категории, има и ресторани - галии.

ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО МАКЕДОНИЈА!
Баш така крикнува капс локот во презентацијата на ресторанот на оној брод на Вардар кој го претставивме во статијата "Галија, мазија, пак ќе биде наша, најгрда" (авторот на видеото подоцна ни се бунеше како тоа не сме го прашале за видеото, ние му рековме да на нè тапани и мирно да продолжи низводно).
 
Да, "добредојдовте во Македонија" со извичник и големи букви, небаре сè околу тој брод е само лажен привид на Македонија во која вистински не се влегува на Табановце или Ќафасан, туку баш овде, кога ќе се минат мермерните скалички кои водат во нешто што помпезно се нарекува "Ројал Македонија" (кафаните овде често се крстат во деминутив  - Централче, Сокаче, Велково меанче -  па нема да чуди ако со тек на време и ова од милоште го завикаат Ројалче)
 
Но, допрва следат изненадувањата:
Запознајте го единствениот, неповторлив кораб на Библиска Македонија со уникатна внатрешност и раритетен ентерирер, Ексклузивниот Ресторан РОЈАЛ МАКЕДОНИЈА!
Тоа е тоа. Влегувате, ни мање ни више, во "кораб на Библиска Македонија"! Да му преседне на човек и ручек и вечера, јер, ај духовни хоризонти ок, ама кому Библијата до сега му отворила апетит? Ви се примочало во "Ројал Македонија"? И што, тек така ќе се замочате во коработ на Библиска Македонија? Ние би трпеле. Кој таму подждригнал, библиски нека страда. Не џабе старата мудрост рекла: "Блажени се оние со регуларна ПеХа вредност".
 
Та нели гледате во горниот цитат дека ова е некој халуциноген простор во кој паралелно постојат две исти работи: ентериер и внатрешност, со попатна дилема дали таа една иста работа е неповторлива (уникатна), или пак само ретка (раритетна),
 
Само што сте влегле во уникатниот а раритетен кораб, ве чека возбудлива покана за трипање:
"Влегувајќи во овој простор, влегувате во еден портал на бескрајот, каде имате ретка можност во својата меморија да ги понесете најубавите мигови со себе во Вечноста и да ги завртите „крилцата" на ЖИВОТОТ.
Портал на бескрајот, ај добро (некој ко мал бил избркан од литературна секција па не може да им прости).
Да ги однесеме најубавите мигови во вечноста (еј, во вечноста!) не е ич добро, ама ај добро.
Туку, што се КРИЛЦАТА НА ЖИВОТОТ, добога !? Треба ли да одиме секоја вечер таму и на различен келнер доверливо да му шепкаме: "За крилцата сме дојдени (намиг)", додека некој не ни ја открие оваа мистерија?
 
Според упатствата, треба само да се опуштиме. Целокупниот ентериер како и внатрешност на Ројалче ни ветуваат дека во тој случај (ако се опуштиме), на крајот нè чека цела низа чудесии, кои почнуваат со боженственост а завршуваат со љубов.
 
Допуштете си нашиот сомелиер да ве воведе во светот на хедонизмот преку вашиот оброк и напиток, и ви ветуваме дека, оттука ќе заминете со внатрешното чувство на божественост, топлина, припадност, доверба и љубов, кое секогаш ќе ве тера да го повторите доживувањето или да го споделите со некој ваша сакана и омилена личност.
 
Да се преброиме уште еднаш, бидејќи  не ни се верува. Значи јадеме, пиеме, плаќаме сметка, на келнерот му оставаме бакшиш и уште еднаш му дофрламе: "Сигурно немаш што да ни кажеш за крилцата?", земаме капутчињата и излегуваме од коработ носејќи во себе:

а) внатрешно чувство на божественост,
б) топлина,
в) припадност,
г) љубов.
(и плус полна бешика бидејќи си трпел)
 
Па што човек може повеќе да очекува од една кафана?
 
*Користените цитати од следниот линк
26 ноември 2014 - 14:24