Не само што сме вишок, туку сме вишок 6 милијарди?

Светското население сè уште расте а една нова студија сугерира дека човештвото го преминало прагот на одржливост уште пред пет децении: тогаш е прејдена точката во која повеќе луѓе веќе не им помагаат на општествата побрзо да се развиваат, туку наместо тоа се започнува вистинска борба против природните ограничувања на планетата. 

Тоа не значи дека цивилизацијата е пред колапс, но, студијата тврди дека денешните 8,3 милијарди луѓе - особено богатиот дел што троши многу - веќе го надминуваат она што планетата може одржливо да го поддржи според сегашните модели на употреба на енергија, производство на храна, користење на земјиште и потрошувачка.

Во нивната нова студија објавена во Environmental Research Letters, истражувачите предводени од Кори Бредшо од Универзитетот Флиндерс анализирале повеќе од два века глобални записи за населението и откриле дека растот на човечкото население влегол во нова фаза на почетокот на 1960-тите.

Го нарекуваат тоа „негативна демографска фаза“. Во еколошки термини, тоа е знак дека човештвото се поместило над одржливиот капацитет на Земјата - бројот на луѓе што една средина може да ги поддржи на долг рок без да ги еродира системите што го овозможуваат животот.

„Земјата не може да го следи начинот на кој ги користиме ресурсите. Не може да ја поддржи денешната побарувачка а нашите наоди покажуваат дека ја притискаме планетата посилно отколку што таа може да се справи“, вели професорот Бредшо.

Нивната студија тврди дека оптималната, одржлива глобална човечка популација е приближно 2,5 милијарди.

Доколку се задржат сегашните трендови, бројот на населението неизбежно ќе достигне максимален капацитет помеѓу 11,7 и 12,4 милијарди кон крајот на овој век, кога ќе се соочиме со сурова вистина.

Факт е дека живееме во најдобрите времиња што ги виделе луѓето. Милијарди луѓе живеат подолг и поздрав живот. Смртноста кај децата доаѓа на ниво на статистичка грешка а губењето на доенчиња порано било вообичаено. Очекуваниот животен век значително се зголеми, апсолутната сиромаштија се намали во многу делови од светот.

Но, студијата тврди дека тие придобивки во голема мера зависеле од експлоатацијата на природниот капитал - особено фосилните горива - побрзо отколку што Земјата може да ги регенерира основните ресурси.

Вештачките ѓубрива, механизираното земјоделство, транспортот, пластиката, електричната енергија и индустриските синџири на снабдување помогнаа да се подигне плафонот за човечката популација но тие истовремено ги зголемија емисиите на стакленички гасови, загадувањето, пренамената на земјиштето и притисокот врз биодиверзитетот. Иако луѓето живеат во најдобри времиња, тоа е на сметка на природата, која доживува деградација на животната средина на ниво на глобални катастрофи.

Тоа е централната тензија на студијата: човештвото не се проширило затоа што природата го дозволила тоа. Се проширило затоа што сме решиле да ги игнорираме еколошките ограничувања.

Во 1962-ра е годината која студијата ја идентификува како почеток на глобален „дефицит на биокапацитет“, кога еколошкиот отпечаток на човештвото го надминало она што Земјата може да го регенерира за една година.

Да бидеме искрени, вакви студии (дека сме вишок) читаме со прилична доза нелагода бидејќи многу гадни (а моќни) кругови го тврдат тоа подолго време. А ако „надлежните“ решат дека сме вишок, тие кругови сигурно нема да бидат меѓу оние кои „може и да ги нема.“

 

 

31 мај 2026 - 12:27