Жителите на Пидингтон, сè на сè околу 350, организираа референдум на кој 285 гласаа за отцепување, а само 26 беа против. Референдумот секако е легално непризнаен, но на селаните им послужи да го изразат своето незадоволство пред пошироката јавност.
Владата на Енди Бурнам објави дека поранешната воена база во Бистер – оддалечена 800 метри од Пидингтон, ќе биде преуредена во центар за азиланти и во неа ќе бидат префрлени повеќе од 1.200 мигранти. Тоа е речиси четири пати повеќе од жителите на селото.
Испративме јасна порака, не само до регионот и до земјата, туку и до целиот свет. Нашето место отсега ќе биде познато како „Кнежество Пидингтон“, изјави месниот управник Тим Мекнали.

Селани ја опишаа декларацијата за независност како „победа на моќта на народот и на локалната демократија“ и ја споредија со отпорот во Битката за Британија во 1940 година.
Референдумот за независност не се однесува само на Пидингтон, туку за сè она за што се бореа нашите баби и дедовци и нашите родители. Денес се води Битката за Британија“, изјави 76-годишниот Херберт Овен.
Некои медиуми ја поздравија кампањата, но други ја осудија како поттикнување страв од имигрантите.
Низ Британија се шири отпорот против мигрантите, особено откако пред две години избувнаа насилни нереди поради убиството на три девојчиња. Минатата година, демонстранти се судрија со полицијата пред хотелите во кои се сместени баратели на азил во Лондон и во неколку други градови. Во јуни годинава маскирани лица запалија куќи на мигранти во Белфаст откако Суданец со нож брутално нападна момче. Пред две недели маскирани демонстранти го блокираа пристаништето во Довер и се обидоа да го спречат истоварувањето на мигранти од брод.
Во 2025 година, околу 100.600 луѓе побарале азил во Обединетото Кралство, што е повеќе од двојно во споредба со 2019 година. Според официјални податоци, во изминатата деценија азил побарале 630.000 луѓе. Анкети на YouGov покажаа дека загриженоста поради имиграцијата постојано е меѓу трите најважни прашања за гласачите во Британија.

Лабуристичката влада на Бурнам тврди дека постигнува напредок во побрзото процесирање на барањата за азил, со цел да се скрати времето што тие го поминуваат во хотели или друго сместување што им го овозможува државата. Владата исто така вети дека ќе ги премести мигрантите од хотели и пансиони, главно во посиромашни населби.
Ги разбирам чувствата. Ќе ги разгледам прашањата што ги покренува загрижената заедница, но мораме да обезбедиме план за праведно распоредување на товарот за сместување на азилантите низ целата земја, изјави Бурнам.
Групите за поддршка на бегалци оценија дека касарните, како онаа близу Пидингтон, не се соодветно место за сместување азиланти.
За луѓе што избегале од војна и насилство, префрлањето во такви оддалечени и вознемирувачки средини само го зголемува чувството на несигурност. А како што видовме од други локации, тие ја поткопаа и социјалната кохезија, оцени Џон Фитонби од организацијата Refugee Council.