Живеење на Месечината паѓа во вода

Откривањето на вода на половите на Месечината поттикна амбициозни планови за изградба на индустриски бази и попатни станици за лет до Марс, дури и населби за колонизатори. Градови со милион жители на Месечината сепак не се возможни во догледна иднина, бидејќи им е потребно огромно количество вода, кое таму го нема доволно.

Милијардери со сопствени вселенски компании, како Илон Маск и Џеф Безос, отворено најавуваат големи проекти за колонизирање на Месечината, па и на Марс, до крајот на нивниот живот. Безос сака со компанијата Blue Origin да премести тешка индустрија на Месечината, а Маск е убеден дека SpaceX може да изгради „населби со милион жители што сами се развиваат“.

Нивните визии се потпираат на откритието на вода во засенчените кратери на половите на Месечината. Населби покрај локации богати со воден мраз би можеле да црпат доволно вода за пиење, основни потреби, па и за локално земјоделство одгледување храна.

Докторите Мартин Елвис и Џонатан Мекдауел ги направиле пресметките и заклучиле дека тоа е невозможно, бидејќи не може да се обезбеди доволно вода. Дури и според најоптимистичките проценки за достапната вода и ефикасноста на нејзиното рециклирање, еден град со милион жители би ја потрошил целата достапна вода за помалку од 100 години.

Под претпоставка дека располагаме со 1 милијарда тони вода, град со милион жители без рециклирање би опстанал само неколку години. Во најдоброто можно сценарио, со ефикасност на рециклирање на водата од 98% - колку што се постигнува на Меѓународната вселенска станица – милионскиот град би останал без вода за нешто повеќе од еден век, пресметале истражувачите.

Сегашните проценки се дека количеството вода на Месечината е 30 пати помало од 1 милијарда тони, што пропорционално го скратува времето до исцрпување на залихите. Постојат потенцијални решенија: поефикасно рециклирање, вертикално земјоделство или пронаоѓање повеќе вода на поголеми длабочини.

Освен ако не се подобри ефикасноста на рециклирањето за околу десет пати или не се откријат значително поголеми резерви на вода, нашите резултати ја исклучуваат можноста за долгорочно населување на Месечината од луѓето во голем обем. Ако милијардерите сакаат да ги реализираат своите амбициозни планови, пронаоѓањето на повеќе вода мора да биде првиот чекор, вели докторот Елвис.

Добрата вест е дека не е проблем да се обезбеди енергија, дури и без нуклеарни реактори. Рабовите на кратерите се изложени на постојана сончева светлина. Кули од 1 километар покриени со сончеви панели би можеле да генерираат 3 гигавати струја. Панелите не мора да се транспортираат готови со ракети, бидејќи е возможно производство на терен. Површината на Месечината изобилува со силициум.

Затоа, сосема е возможно сценарио за поставување центри за податоци или роботизирани рудници, кои може да бидат контролирани и управувани од далечина, или од мал број луѓе во индустриско-станбени центри. Пресметките покажуваат дека населба со 1.000 до 10.000 жители би била одржлива неколку векови.

Плановите на НАСА се многу поскромни и ограничени од намалениот буџет. Мисијата Артемис IV, планирана за 2028 година ќе опфати прво спуштање на астронаути на Месечината по повеќе од половина век. Следната, Артемис V, треба да постави основи за редовни годишни истражување и изградба на постојана база.

17 септември 2026 - 12:40