Педро Санчез попушти под неколкунеделниот притисок и за 29 ноември свика предвремени избори.Протестите поради кризата со домувањето во земјата беа последен удар врз слабата малцинска влада, која се покажа во голема мера неспособна да владее и е сè повеќе идеолошки изолирана на европската сцена.
Тој ги повика поддржувачите да се мобилизираат и да обезбедат многу пошироко прогресивно мнозинство но неговиот неуспех да донесе закон за зајакнување на правата на станарите ја покажа неговата немоќ. Портпаролката на Шпанскиот сојуз на станари ја исмеа Социјалистичката партија како „партија на сопственици на недвижности“.
Реакцијата на централно-десничарската Народна партија, која води на анкетите со голема разлика, беше уште поконцизна во врска со објавувањето на предвремените избори: „Шуќур!“.
Репутацијата на партијата, како и на самиот Санчез, беше нарушена од низа корупциски скандали. Во април, сопругата на премиерот, која имаше високи позиции во шпанското високо образование, беше обвинета за проневера, злоупотреба на влијание, корупција во деловните зделки и злоупотреба на пари. Во мај, седиштето на социјалистите беше претресено од полицијата заради истрага за дезинформации насочени кон спречување на судски случаи поврзани со партијата. Следниот месец, поранешниот министер за транспорт на Санчез беше осуден на 24 години затвор поради корупција за време на пандемијата; во јули, братот на премиерот беше осуден за административни заврзлами и му беше забрането да извршува јавни функции.
Со вакви пријатели, кому му требаат непријатели?, прашува Вилијам Нартас.
Премиерот претходно уживаше во краткотрајно меѓународно тапшање по рамо како прогресивен непријател на Доналд Трамп во Европа; „Политико“ го нарече „морален лидер“ на континентот кога ја осуди американската војна во Иран а Израел го нарече „геноцидна држава“.
На домашен терен, владата на Санчез е една од ретките големи сили на ЕУ што сè уште се залагаат за про-миграциска агенда. Потегот за легализација на половина милион недокументирани мигранти оваа пролет - опишан од Санчез како „чин на правда“ што ќе помогне во „изградбата на богатата, отворена и разновидна Шпанија каква што сме и кон каква се стремиме“ - беше проследен со една од најлошите европски миграциски кризи во Сеута, чии ефекти сè уште се чувствуваат во шпанската енклава.
Кризата во Сеута покажа колку романтизираниот поглед на масовната миграција што го застапува Санчез е без допир со реалноста. Кога ужаснатите десничарски лидери на ЕУ се здружија против Шпанија поради Сеута, предводени од Италијанката Џорџа Мелони, контрадикцијата помеѓу пристапот на Санчез кон миграцијата и поширокото европско расположение беше видливо јасна.
Очекуваниот пораз за шпанските социјалисти во ноември би имал последици и далеку надвор од границите на земјата. Веднаш по Сеута, тој пораз би можел да биде лебедова песна за морализирачкиот пристап кон миграцијата, кој, со оглед на тревогата што ја чувствуваат гласачите и порастот на антимиграциските сили низ цела Европа, се чини дека е позастарен со секоја измината криза, пишува Нартас.