Минатиот месец во Црна Гора еден човек ми вика: "Во неделата се играше дербито на нашата фудбалска лига, Будуќност - Сутјеска". На тоа јас само замислено и со уважување климнав, оти знаете колку се Црногорците чувствителни, сè мораш да им одобруваш, делумно и заради тоа што имаат обичај да држат наполнета и спремна кратка цевка во фиоката за ракавици, но, во себе помислив: Значи тоа е тој судир на титаните. Митска пресметка на најголемите. Случка за која гусларите покрај огниште ќе пејат десетерци. Будуќност и Сутјеска, црногорски ел класико.
И тажна и смешна е таа планинска државичка на крајот на Европа, но има ли овде, во целиот регион, некоја што е поинаква? Меѓу Хрватите на пример, пред неколку години беа необично популарни вицовите за пинцурството на Словенија. Народното предание, од некоја своја фрустрација, ги даде на стотини, повеќе отколку за плавушите, педерите и глупиот Мујо заедно. Не можеше да минете ден во кафиќ а да не чуевте некој нов, како цела Словенија може да се извози на резерва, или како Словенците немаат осмерец со кормилар зашто чамецот би им излегол од границите на територијалното море, или било што такво со иста поента. И колку и да тоа со текот на времето на поинтелигентниот свет му стануваше предвидливо, неугодно и исрцпувачки глупо, моите земјаци не можеа да се наситат од тие шеги. Рамењата ќе им се затресеа, солзи ќе им тргнаа на очи и на нос ќе шмркаа колку им е Словенија смешна, иако и сами живееа во само нешто поголема гарсоњера од држава.
Во ваквите примери фино може да се запознае интелектуалната инвалидност на националистите, нивниот слеп нарцизам, неспособен објективно да ја согледа сопствената безначајност и потребата, ако некогаш се почувствуваат загрозени, да се зачаурат во границите и да го намалат својот свет до онаа мерка во која тие ќе бидат големи. При крајот на минатиот век, една прилично голема и меѓународно релевантна земја таквите расситнија на своите малецки вукоебини и иако тоа беше направено во силна, уништувачка омраза, во оган и насилство, сите тие дуваа во исто и на крајот на тоа колење беа задоволени. Направија за себе рамка во која сите неостварени јадници на крајот ќе се остварат, неталентираните глумци ќе станат драмски првенци, креатурите без слух естрадни ѕвезди, во која до последен идиот ќе се изротираат на министерски должности а во очајните неделни попладниња безволно ќе се гледа кошкањето меѓу Будуќност и Сутјеска, Јагодина и Вождовац или Инкер од Запрешиќ против Славен Белупо од Копривница.
Кога живеете во мала земја, критериумите нужно ви паѓаат. Некогашните провинциски пискарала одеднаш стануваат книжевни класици а за национални дербија се прогласуваат довчерашни селски макљажи одиграни покрај грбави пасишта. Во некоја рака и мене ми е драго што несреќниците конечно дочекаа углед и слава, што телевизиските рефлектори и нив сироти ги осветлија, но како во држава и општество во кои толку се спуштени праговите е воопшто можно да се одгледа нешто навистина добро, големо, нешто што би можело да биде забележано во денешниот сè поконкурентен свет?
Ме мачи тоа со години, уште од приликата кога во една студена и полутемна хотелска сала седев со покојниот Мате Парлов, пулскиот угостител чие освојување на светската титула во полутешка категорија како дете го гледав на црно-бел телевизор во своето село. Некаде по полноќ, боксерската легенда, отсутно матејќи ја својата чаша вињак ми ја кажа реченицата која ќе ја помнам цел живот, нешто толку величенствено вистинито што би можело да биде врежано на надгробен камен и нешто толку возбудливо како кога прв пат во животот во рака држите женска цицка. Мате Парлов рече: "Па како можам jas да бидам националист, кога сум бил светски првак".
Се присетувам на тоа често, обично кога игра Будуќност против Сутјеска или кога ќе примат некој имбецил во Хрватската академија на науки и уметности, или после некои избори во Србија и во сите слични прилики кога тесноградиот национализам ќе изроди нешто срамотно лошо, џуџесто, фушерско и блесаво. Каде е сега Мате, нека му е лесна земја, и каде исчезна онаа доба на џиновите во која цел свет беше татковина?