Нема ништо нелегално во тоа што актуелен претседател на САД поседува акции – тој експлицитно е исклучен од кривичниот закон за судир на интереси што ги обврзува речиси сите други функционери на извршната власт. Спорно е што сметката на неговото име активно тргувала со акциите додека е на функција. Повеќе од половина век, претседателите доброволно се држат настрана од тргувања.
Извештајот на Канцеларијата за владина етика објавен на 13 мај документира 3.642 индивидуални тргувања извршени преку сметката на Трамп во првите три месеци од 2026 година, со обем помеѓу 220 милиони и 750 милиони долари и со темпо од приближно 60 тргувања дневно. Не секогаш се наведува дали трансакцијата била акција, обврзница или пакет акции.
Извештајот за периодот од јануари до крајот на март покажува конзистентен став низ целиот конфликт во Иран: додека Трамп ја командувал војната и им кажувал на Американците дека ќе заврши „наскоро“, сметката на негово купувала злато, државни обврзници и готовина.
На 2 март, првиот ден на тргување откако почна војната, сметката на Трамп купувала акции на рударската компанија за злато Newmont за 50.000 до 100.000 долари. На 4 март, денот кога Иран го затвори Ормускиот теснец, купила акции од iShares ETF за 250.000 до 500.000 долари. Следниот ден купила 500.000 до 1 милион долари од iShares Gold Trust.
Купувањето продолжило дури и кога Трамп јавно инсистираше дека војната е под контрола. На 7 март, тој објави дека Иран „се извинил и се предал“. На 10 март, сметката вложила во меѓународни и пазари во развој: Европа, Јапонија, Канада и во ETF во опсег од 500.000 до 1 милион долари. Следниот ден, Трамп изјави за Axios дека војната ќе заврши „наскоро“ затоа што „практично нема ништо што може да се бомбардира“ и дека ќе заврши „секогаш кога сакам да заврши“. Следната недела, сметката купила готовина во вредност од 1 до 5 милиони долари.

Трамп го направи својот прв TACO (Trump Always Chickens Out) на 23 март: му постави ултиматум на Иран да прифати договор за да не биде збришана енергетска инфраструктура. Три дена подоцна ја откажа акцијата, затоа што САД и Иран воделе „многу продуктивни разговори“.
Волстрит воздивна, акциите пораснаа, цената на суровата нафта падна за речиси 11% и акциите на енергетскиот сектор се распродадоа заедно со нафтата.
Извештајот на Канцеларијата за владина етика покажува дека брокерската сметка на Трамп истиот ден купувала акции на фирми за нафта и гас, вклучувајќи ги Conoco Phillips 66, Exxon Mobil и Chevron, заедно акции на одбранбени и воздухопловни компании, како Lockheed Martin и General Dynamics, кои би профитирале ако војната продолжи.
Портпарол на Организацијата Трамп, приватниот конгломерат на семејството, изјави за Fortune дека брокерските сметки се управувани од финансиски институции од трети страни кои имаат „ексклузивен авторитет врз сите инвестициски одлуки“.
Тргувањата се извршуваат преку автоматизирани инвестициски процеси и системи администрирани од тие институции, и ниту Трамп, неговото семејство, ниту Организацијата Трамп не играат никаква улога во изборот, насочувањето или одобрувањето на специфични инвестиции, соопшти претставникот.
Дејвис Ингл, портпарол на Белата куќа, објаснува дека средствата на Трамп се во фонд „управуван од неговите деца“ и дека „нема судир на интереси“.

Ричард Пеинтер, професор на Универзитетот во Минесота и поранешен главен советник за етика во Белата куќа под Џорџ В. Буш, вели дека во историјата не пронашол ниту еден активен претседател што тргувал на берзата“.
Линдон Џонсон во 1963 година бил пионер во употребата на претседателски „слеп фонд“, управуван од независни доверители. По него секој претседател или ги пласирал своите средства во слеп фонд, или ги држел во индексни фондови и државни обврзници, а Џими Картер ги ликвидирал сите средства од неговата фарма за кикирики. Никој не тргувал активно со индивидуални хартии од вредност додека бил на функција. До неодамна.
Во првиот мандат на Трамп, неговите средства се чуваа во Отповикливиот фонд на Доналд Џ. Трамп, кој ја контролираше неговата бизнис империја, а периодичните извештаи за трансакции привлекуваа мало внимание. Во текот на првата година од неговиот втор мандат, на сметката се тргуваше речиси исклучиво со општински и корпоративни обврзници.
Но, дури и пред да започне тргувањето со акции, аранжманот предизвика реакција од федералните етички службеници. Волтер Шауб, тогашен директор на Канцеларијата за владина етика, го нарече оригиналниот договор за доверба на Трамп „ниту половина слеп“. Тој поднесе оставка во јули истата година откако се судри со Трамп околу одбивањето на претседателот да се откаже од своите бизниси.