Рибите се за во вода, птиците за на небо, децата за во кал

Во Финска сакале да тестираат што се случува со здравјето на децата ако бетонот, павер елементите и пластиката во нивните градинки се заменат со вистинска природа? Ископале сегменти од шумска површина и ги преместиле во урбани градинки. Распослале трева, додале жардиниери каде што децата саделе и одгледувале растенија, донеле блокови тресет за качување и копање. Почекале па на децата им направиле тестови на крвта.

Резултатите, објавени во списанието Science Advances, ги изненадило и самите научници.

Студијата следела 75 деца меѓу три и пет години во 10 градинки од два града. Некои градинки ги задржале своите стандардни урбани дворови од бетон и чакал. Некои ги носеле децата на редовни излети во природа. Четири имале дворови трансформирани со шумски грмушки и зеленило.

Истражувачите ги анализирале бактериите во кожата и цревата на децата, земале примероци од крв и ги следеле нивните имунолошки маркери. Во рок од само 28 дена, децата што си играле во зелените дворови покажале мерливи промени. Тие имале поразновидна микробиота на кожата, зголемени нивоа на регулаторни Т-клетки (клетки кои, меѓу другото, помагаат да се спречи имунолошкиот систем да го нападне самото тело), ​​повисоки нивоа на корисен цитокин (TGF-β1) во плазмата и промени на имунолошките маркери поврзани со подобра регулација.

Со други зборови, еден месец играње во земја и шумски отпадоци го подобрило функционирањето на нивниот имунолошки систем.

Ваквите резултати ја поддржуваат „хипотезата за биодиверзитет“ односно идејата дека растењето опкружено со богат спектар на микроби го тренира и зајакнува имунолошкиот систем. Теоријата сугерира дека модерната комбинација од висока хигиена, урбан живот и минимален контакт со природата го остава имунолошкиот систем недоволно образуван, што може да помогне во објаснувањето на растечките стапки на алергии, астма, дијабетес тип 1 и други состојби поврзани со имунитетот во развиените земји.

„Резултатите од оваа студија ја поддржуваат хипотезата дека нискиот биодиверзитет во современата животна средина може да доведе до необразован имунолошки систем“, напишаа авторите на студијата.

Бидејќи Финска е нормална земја, ваквите сознанија не останаа затворени во научните кругови. Државата се фатила за кесето па одвоила 966.000 долари за 43 градинки во земјата да ги заменат асфалтот, пластиката и гумата со дрвја, цвеќиња, песочни површини, камења и трева.

5 јуни 2026 - 09:29