- Израел и Иран од синоќа повторно се пукаат со проектили, првпат откако во април ги запреа меѓусебните напади.
- Иран лансираше балистички ракети кон Израел доцна во неделата по израелскиот напад против цели на Хезболах во Бејрут, главниот град на Либан, оценувајќи го како грубо прекршување на примирјето. „Ова беше предупредување. Ако агресиите се повторат, одговорите ќе бидат пошироки“, соопшти Револуционерната гарда.
- Израел рано изутрината возврати со ракетни напади врз цели во Техеран, Тебриз и Исфахан.
- Доналд Трамп упорно тврди дека ја командува ситуацијата, иако на теренот се случува спротивното. За бомбардирањето на Бејрут истакна дека не било координирано со САД, а од својот партнер во војната Нетанјаху барал да не возвраќа на иранскиот напад: „Јас одлучувам. Не одлучува Биби. Нетанјаху нема избор освен да прифати договор со Иран“.
- Трамп му порача на Иран: „Ги истрелавте своите проектили, доволно беше. Вратете се на преговарачката маса и склучете договор. Можеме да постигнеме мир по 3.000 години“.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.