Јакуза изгуби битка со јапонската бирократија

Озлогласеното криминално подземје на Јапонија се жали дека е дискриминирано. Суд ја отфрли тужбата на регистриран член на Јакуза, кому не му било дозволено да извади електронска картичка за патарина. Иако тужителот технички е во право, судот пресудил дека граѓанските права му се ускратени „само делумно“, без оглед што не е осомничен за кривично дело.

Постепеното укинување на плаќањето со кеш сериозно им го отежнува секојдневниот живот на членовите на јапонските криминални групи како Јакуза. На регистрираните членови им е забрането да отвораат банкарски сметки, да добиваат платежни картички, да изнајмуваат станови, да склучуваат нови договори со мобилни оператори или да вадат полиси за осигурување. Дури и за оние што официјално ќе се откажат од групата, рестриктивните мерки важат во период од уште пет години.

Криминалците ги заобиколуваат ограничувањата, користејќи платежни картички што ги извадиле пред да бидат заведени во полициската евиденција. На улица лесно се препознаваат - ако разговараат со стар мобилен телефон на преклопување.

Но, наскоро нема да можат да користат автопати, затоа што до 2030 година сите патарини ќе преминат на електронски систем и целосно ќе го укинат плаќањето со кеш.

Окружниот суд во Фукуока минатата недела ја отфрлил тужбата од неименуван висок член на групата Јакуза, кој тврдел дека приватните оператори на автопатите низ Јапонија му ги прекршиле граѓанските права со тоа што му ја одбиле апликацијата за картичка за електронска наплата на патарина.

Судијата Масакацу Танге оценил дека се „сосема незначителни“ ограничувањата на правата и слободите на регистрираниот член на криминална група, бидејќи може да користи алтернативни патишта на сите делници низ Јапонија. Предноста на автопатите под приватни концесии е тоа што нема семафори и сообраќајот е побрз.

За разлика од криминалните подземја низ светот, групата Јакуза низ историјата функционирала полу-отворено. Членството во групата само по себе не е кривично дело. Синдикатите на Јакуза самите ѝ доставуваат на полицијата списоци со регистрирани членови. Полицијата може да ги уапси само ако извршат кривично дело. Многу регионални ќелии пред своите простории имаат истакнато табли на кои се прикажани грбот и името на групата.

Членовите на Јакуза имаат уставно загарантирани права да склучуваат договори со адвокати и да добиваат медицинска нега. Имаат право и на услуги од комуналните претпријатија, иако технички им е забрането да купуваат недвижен имот.

14 ноември 2026 - 12:12