
По 40 години упорна битка со суровата природа, во која беа мобилизирани 600.000 работници, Кина го затвори гигантскиот проект за да го запре немилосрдното проширување на пустината Такламакан.
Зелениот кинески ѕид го штити автономниот регион Ксинџијанг од песочни бури што ги пустошеа инфраструктурата, пругите, автопатите и земјоделските површини. Целосно е затворен појас од 3.050 километри околу Морето на смртта, како што ја нарекуваат Такламакан.
Проектот почна со садење на растенија отпорни на суша, како пустинска топола или црвена врба, способни да создадат почва и да ги стабилизираат динамичните песоци. Дрвјата во исто време придонесуваат и за локалниот економски развој. Некои од новозасадените, како пустинскиот хиацинт, се ценети поради лековити својства, што на локалните заедници им отвора потенцијали да произведуваат хербални лекови.
По примерот на Кинезите тргна и Африка, која разгледува уште поголем проект за засадување зелена бариера во должина од 8.000 километри за да го запре ширењето на пустината Сахара.
Уште додека го градеа својот зелен појас, Кинезите бараа начини и како да го надградат. Такламакан сега е опкружена и со железница, која ги поврзува градовите и им ги зголемува трговските капацитети и го зајакнува регионалниот раст.
Корпорацијата Три клисури, која ја управува најголемата брана во светот, гради плантажа за соларна енергија што ќе генерира 8,5 гигавати струја и ветерници што ќе даваат 4 гигавати.
Од 1978 година, кога почна проектот, стапката на покриеност со шуми во критичните области во Кина се зголеми од 5 на 14%. Властите планираат до 2050 година да пошумат над 4 милиони квадратни километри низ 13 региони, што би претставувало 42% од вкупната површина на земјата.
****
Види и:
Кинези уште пустина немаат пошумено, ама изгледа и тоа ќе го направат
Кај што има Кинези, има и начин