Експерти од организацијата Climate TRACE, во која академици, институти и компании следат колку се горат јаглен, нафта и гас во светот и точно каде, во јули забележале „аномалија“ на линијата на емисии на ЦО2 – почнала благо да се спушта надолу. Слична аномалија имало и за време на пандемијата на ковид, но таа била очекувана поради економските блокади и траела кратко.
Вкупното количество на стакленички гасови во изминатите неколку години се зголемувало благо, но постојано, по околу 1% од година на година. Графиконите на Climate TRACE, изработени врз основа на енергетски статистики, сателитски снимки и вештачка интелигенција, покажувале пониски вредности на штетни гасови во споредба со истиот период лани.
Заклучоците во септември биле дека на годишно ниво нема да биде избегнато зголемување на глобалните емисии на ЦО2, ќе биде повисоко за околу 1,1% во споредба со лани.
Но, имаме основа за оптимизам. Кина го достигнува врвот во емисиите една деценија порано од проектираното. Тоа е голема работа, вели Гевин МекКормик, основач на Climate TRACE.

Групата Carbon Monitor на Жу Лиу - климатски научник на Универзитетот Цингхуа - проектира дека емисиите годинава ќе се зголемат за 0,6% на глобално ниво. Во Кина ќе се намалат за 1,2%, а во САД ќе се зголемат за 2,7%.
Развиениот индустриски Запад пред години го достигнаа врвот во емисии на гасови што ја загреваат природата, но на глобално ниво зголемувањето продолжило поради брзиот развој на големите економии во подем – пред се на Кина и на Индија.
По потпишувањето на Парискиот климатски договор од 2015 година, Кина беше одговорна за приближно 90% од глобалниот раст на стакленички гасови. Кога Кина ќе го достигне врвот, тоа веројатно ќе биде крај на глобалното зголемување, објаснува аналитичарот Лаури Миливирта.
Кина веќе е блиску до моментот кога ќе тргне „во минус“. Минатата година потроши 625 милијарди долари за енергија од чисти извори, а оваа година се очекува таа сума да биде уште повисока. Користењето на сончевата енергија расте експоненцијално и во првата половина од оваа година била доволна целосно да го задоволи зголемувањето на побарувачката. Кинезите денес купуваат по 1 милион електрични возила месечно, колку остатокот од светот заедно. Во исто време се гради и инфраструктура од батерии, далеководи и трансформатори што ќе овозможат понатамошен подем на обновливите извори.
Технолошкиот напредок овозможува варијациите да се следат многу побрзо. До неодамна се чекало најмалку една година на статистички податоци од Обединетите нации, врз основа на мерења на специфични локации на планетата. Сега тоа оди побрзо, а и попрецизно може да се утврди изворот.
Освен набљудувањата и мерењата, се користи и пресметка на индикатори, на пример колку ЦО2 испушта автомобил за да помине 1 километар или електрана за да генерира 1 киловат-час струја и колку често се случува таа активност. Првиот фактор е тешко да се процени, но се менува многу бавно, а вториот може значително да варира - но може да се следи во реално време, преку ГПС или оптоварување на мрежа. Со комбинирање на овие фактори, тимот на Carbon Monitor ги проценил емисиите без да чека години на енергетската статистика на ОН.