Сообраќајот како огледало на егзистенцијалната беда

Како можеме да очекуваме емпатија во сообраќајот кога ја нема во општеството? Како да бараме почитување на сообраќајните правила кога правилата не се почитуваат во парламентот, министерствата, на конкурсите, во судниците? Ќе мора да си признаеме дека сообраќајната агресија не е проблем што може да се реши со камери или казни. Се решава со политика што го враќа достоинството, урбанизам што го враќа просторот, култура што ја враќа довербата и економија што ја враќа сигурноста на луѓето.

„Ако предолго гледаш во бездната, и бездната ќе погледне во тебе.“
Фридрих Ниче

Не постои огледало кое на човека поискрено ќе му го покаже лицето од сообраќајот. Ниту исповедалница, ниту судница, ниту филозофска дискусија. Улицата, таа вечна сцена на нашето одење и талкање, нè разголува до коска. Таа ги чита нашите стравови пред да ги признаеме, ги препознава нашите порази пред да ги изговориме. Улицата е нашата вистина, а ние во неа сме фатени како во стапица. Вечно заробени во неподвижноста и егзистенцијалната беда што се прелева од политиката, економијата и културата и потоа зоврива на раскрсници, во колони, во бескрајни конфликти за паркинг места.

Она што денес го нарекуваме „сообраќајна култура“ не е култура. Тоа е општествен симптом. Тоа е срцето на општеството. Ако срцето е истрошено, ако чука во грч од презир, неправда, глад и страв, таков ќе биде и ритамот на улицата.

„Пријатељу, кочнице ти не раде баш све.”
Обојени програм

Сите ние овде живееме во систем кој нè научи дека борбата за простор е единствениот реален одговор на животот. Не затоа што сме диви, туку затоа што предолго сме оставени на милост и немилост на „елитата“ која прво ни го одзеде достоинството, а потоа и просторот во кој би го живееле тоа достоинство.

Секогаш кога гледам возач како влегува на раскрсница како да освојува територија, гледам повеќе од агресија и безобразност. Гледам човек притиснат од кредити, несигурна работа, недоверба кон институциите што го лажат и го експлоатираат, а таа темнина зад неговите очи се гледа во ретровизорот. Вози брзо затоа што неговиот живот му избегал од контрола па на четири тркала се обидува да го врати чувството на моќ. Тој забрзува затоа што се чувствува забавен во сè друго. Ја пресекува лентата затоа што се плаши дека некој ќе го претекне во животот.

Нашиот сообраќаен систем работи на погонот на егзистенцијална анксиозност. Целата држава се лизга како автомобил без кочници, а ние, поединците, се обидуваме да преживееме држејќи го воланот што е можно поцврсто и притискајќи го гасот што е можно посилно. Насилството на улицата е само продолжена рака на насилството врз нашите животи.

Сообраќајната култура не е збир на правила. Таа, во најдлабоката смисла, е колективен морал во движење.

Таа не е лична особина, таа се учи од општественото однесување, се пренесува преку институциите и се обликува преку политичкиот, медиумскиот и економскиот модел на државата.

Затоа како можеме да очекуваме емпатија во сообраќајот кога ја нема во општеството? Како да бараме почитување на сообраќајните правила кога правилата не се почитуваат во парламентот, претседателството, министерствата, на телевизија, на конкурси, во судници? Како да очекуваме солидарност на пешачки премин кога секоја јавна институција му кажува на човекот дека е сам и оставен сам на себе?

Нашата политичка „елита“ со години произведува чувство на немоќ. Не се само малите плати, туку и немоќта да влијаеме врз сопствениот град, на начинот на кој се направени улиците, како децата одат на училиште, како лицата со попреченост преминуваат улица. Тоа системско понижување стана длабока социјална траума. А траумата има навика да проговори таму каде што најмалку го очекуваме, во стискање на сирената на семафор, во арогантно паркирање, во нервозно цимање на воланот како со тоа да сакаме да ги исправиме сите неправди на овој свет.

Политичката апатија се прелева во сообраќајна агресија. Оној што ве избуткува од лентата само го повторува она што го гледа секој ден: посилниот има предност, послабиот молчи и страда.

Не страдаме поради „недостаток на култура во сообраќајот“, како што често се вели во медиумите, страдаме затоа што постојано ни се испраќа пораката дека правилата постојат само за слабите, додека моќните минуваат низ животот како низ црвено светло, без последици или казна.

Кога општествениот систем го нормализира беззаконието, сообраќајот само верно го копира.

Медиумскиот простор стана лабораторија на понижување. Јавниот говор е сведен на пцуење, навреда, закана, скандал, страв. Ова ја обликува колективната емоционална клима која најјасно се манифестира во сообраќајот. Кога политичарите се дерат, граѓаните свират со колите. Кога медиумите навредуваат, граѓаните се туркаат едни со други. Кога јавниот говор е насилен, улицата го копира тонот. Кога општеството ја губи способноста да зборува, почнува да се судира.

Сообраќајот е продолжение на медиумската сцена, само без цензура и монтажа. Сè што гледаме на малите екрани во текот на денот, го испуштаме навечер на улица.

Сообраќајот овде е роден од погрешна претпоставка: дека човекот е помалку вреден од автомобилот. Тој модел не е случаен, туку идеолошки. Длабоко е вкоренет во неолибералната логика по која инфраструктурата се управува како инвестициски капитал, а не како општо добро. Затоа имаме градови каде што не се гради она што на луѓето им треба, туку она што е политички профитабилно.

Автомобилските ленти се шират затоа што моќта е во брзината. Пешачките премини исчезнуваат затоа што луѓето се бавни. Велосипедистите се туркаат на маргините затоа што не се пазарна категорија. А децата се секогаш невидливи, затоа што не се целна група на автомобилската индустрија.

И затоа психолошката тензија во сообраќајот само се кумулира. Улицата е дизајнирана како линеарна борба, а не како простор на заедништво. Кога просторот се проектира како конфликт, конфликтот станува секојдневие.

Сообраќајната агресија не е само обично „нервирање“. Во сообраќајната психологија, таа се дефинира како: интензивна емоционална реакција на фрустрирана, исплашена личност, која се манифестира преку опасно, импулсивно или антисоцијално однесување во сообраќајот. Агресијата се јавува кога три сили истовремено притискаат врз некоја личност: фрустрација (егзистенцијална, работна, семејна), несигурност (правна и институционална) и перцепција на неправда (чувство дека другите се привилегирани).

Ние ги носиме сите три.

Сообраќајот е простор каде што се ослободува потиснатиот гнев, бидејќи само таму е „социјално дозволен“. Не ви е дозволено да се дерете во трговски центар. Не ви е дозволено да пцуете во канцеларијата. Пред странскиот инвеститор за кого мотате кабли, ја виткате главата и ‘рбетот. На улица како да смееш сè, сè додека можеш да турираш.

Зигмунд Бауман пишуваше за тоа како современиот живот создава кревки идентитети. Кревкиот идентитет во сообраќајот реагира бурно, бидејќи е безбеден само во брзина, видлив само во конфликт. Современото општество ја уби припадноста кон заедницата и нè остави сите сами да се грижиме за себе, па секоја средба станува потенцијален конфликт.

Сообраќајната агресија е всушност маска на стравот. А нашиот политички систем се храни од тој страв.

Работници кои возат од утро до вечер, доставувачи кои бркаат километри под закана дека ќе ја изгубат работата ако задоцнат две минути, мајки кои ги носат своите деца низ град кој не им оставил ниту еден метар тротоар, сето тоа се профили на современ човек протеран од сопственото време.

Нашето секојдневие е исцрпеност. Исцрпена личност вози поинаку од одморена. Исцрпен човек ја преминува улицата со повеќе страв. Исцрпен човек полесно лизга во агресија отколку што мисли.

Сообраќајот е психолошка топографија на социјална експлоатација. Сè што чувствуваме, го чувствува и улицата.

Неолибералната економија го дизајнира бетонот како оружје. Инфраструктурата не се гради за да го олесни животот, туку за да го оплоди капиталот. Затоа проектите често се естетски и политички спектакли без функција. Улицата се гледа како инвестиција, а не како заеднички дом. Неолиберализмот воведе логика во која сè се мери со пазарната профитабилност: колку автомобили можат да поминат, колку брзо, колку пари ќе слеат преку проектите.

А луѓето? Тие се нуспојава.

На тој начин, сообраќајот стана алатка за репродукција на општествените хиерархии. Улиците им служат на богатите да поминат побрзо, а на сиромашните да се движат побавно. Тоа е вистинскиот урбанизам на капитализмот: брз пат за привилегираните, раскрсница на хаос за сите други. И затоа егзистенцијалната беда може да се види на секој метар од нашите улици. На секој тротоар прекинат од отворена шахта. На секој семафор што работи само кога му се ќефне. На секој пешачки премин што останал без боја, исто како што општеството останало без боја.

Не сме ние народ кој е „таков“. Ние сме народ кој е оставен. И затоа се однесуваме како оставени: исплашени, дефанзивни, импулсивни, недоверливи. Сообраќајот е само продолжение на нашата колективна психа: агресијата како одбрана од понижувањето, брзината како бегство од сиромаштијата, ароганцијата како компензација за немоќта, кршењето на правилата како единствен начин да се чувствуваме живи во општество во кое правилата се применуваат селективно. 

Улицата е река на животот и основен архитектонски простор на градот, здравјето на целата заедница зависи од нејзиниот тек. Во неа е одразот од сите нас. Ќе мора да си признаеме дека сообраќајната агресија не е проблем што може да се реши со камери или казни. Се решава со политика што го враќа достоинството, урбанизам што го враќа просторот, култура што ја враќа довербата и економија што ја враќа сигурноста на луѓето.

Улицата сака да бидеме подобри, но не реторички, туку инфраструктурно. Не симболички, туку политички.

Сè додека градиме градови против луѓе, луѓето ќе го презираат сопствениот град, улица, населба.

На крајот на краиштата, сообраќајот не е проблем, тој е доказ. Тој е обвинение против системот што нè научи дека животот е трка, а човекот е пречка.

Во сообраќајот гледаме сè: алчност, беда, храброст, слабост, класна борба и последни остатоци од човечноста. Ако сакаме безбеден сообраќај, прво мора да го излечиме човекот. Ако сакаме хуман град, мора да ја излечиме политиката. Ако сакаме деца кои ќе одат слободно, мора да го отстраниме бетонот во кој сме ги закопале сопствените души.

Сообраќајот не е само технички систем и технички проблем. Сообраќајот е огледало во кое се одразува нашата егзистенцијална беда. И единственото прашање е: дали конечно ќе имаме храброст да го погледнеме огледалото и да се промениме.

Игор Велиќ,
за P.U.L.S.Е.

 

13 мај 2026 - 19:27