Од страв од ковид, четири години ги држеле своите деца во изолација

Случај од Шпанија покажува колку екстремни последици може да има сеењето страв од ковид и наметнувањето екстремни мерки за заштита. Суд им изрече затворска казна на родители што четири години не им дозволиле на своите деца да излезат од домот, поради страв дека ќе се заразат од ковид. Децата претрпеле екстремни ментални и физички страдања. 

Трите деца биле во изолација од декември 2021 година па сè до лани во април. Мошне веројатно ќе биле уште долго во „домашен притвор“ ако не интервенирала полицијата, по дојава од сосетка која забележала необични активности.

Кристијан Штефен, 53, германски хонорарен технолошки регрутер, и неговата сопруга Мелиса Ан Штефен, 48, натурализирана Германка родена во Америка, живееле во изнајмен дом во Овиедо, Шпанија. Кога биле наметнати мерки за изолација поради пандемијата на коронавирусот, тие ги заклучиле своите деца – десетгодишно момче и осумгодишни близнаци, и кои воопшто не биле запишани во училиште. Не им дозволувале да излезат ни во дворот. Едно од децата откако првпат излегло надвор клекнало во дворот и со чудење ја допирало тревата.

Децата не познавале никого освен своите родители, забележаа обвинителите во судскиот процес.

Притоа им го всадиле на децата сопствениот ирационален страв дека ќе се заразат од нешто.

Децата не биле на лекар шест години и живееле во бедни услови, со валкани пелени и постели. Близнаците спиеле во скршени креветчиња.
На првиот лекарски преглед по 2019 година било утврдено дека децата имале згрчени тела, деформитети на нозете, иритирана кожа и други проблеми што произлегуваат од долготраен престој на затворено место без медицинска нега. 

Двајцата родители се осудени на по две и пол години затвор поради нанесување психолошко насилство во семејна средина и уште по шест месеци за напуштање на семејството. Родителските права им се одземени на речиси три и пол години, забрането им е да им се приближат на своите деца на растојание од 300 метри и треба да платат отштета од 30.000 евра за секое дете.

Бранителите тврделе дека тоа било „доброволна изолација“ и дека постапките на родителите биле „погрешни“, но не и „кривични дела“.
Тие истакнаа дека кај родителите се развил „страв што не можеле да го надминат“ откако се разболеле од ковид.

Студија на Универзитетот во Источна Англија објавена во март откри дека и вообичаените карантини поради ковид-19, а не екстремни од четири години, може трајно да го оштетат развојот на мозокот кај децата, особено извршните функции како што се регулирање на однесувањето, фокусот и адаптацијата.

Истражувања од клиниката Мајо документираа долгогодишни покачени нивоа на анксиозност, депресија и стрес и кај децата и кај возрасните под влијание на културните и здравствените фактори.

******
Види и: Карантините неповратно им наштетија на младите мозоци

15 мај 2026 - 13:28