Најголемото влијание од пандемијата е забележано кај децата кои биле на возраст од 4 до 5 години кога во март 2020 година почнале првите карантини. Оваа возраст е клучна фаза во која децата учат да се дружат, да следат рутини и да се прилагодуваат на училишниот живот. Поради мерките за изолација, тие биле принудени да посетуваат настава преку интернет или да развиваат вештини дома со родителите.
Оваа генерација сега е на возраст од 10 до 11 години. Истражувањето, предводено од Универзитетот во Источна Англија, откри дека овие деца покажале послабо напредување на тестовите за саморегулација и когнитивна флексибилност, во споредба со оние што биле на предучилишна возраст кога почнала пандемијата.
Уште пред да се прошири коронавирусот, научници веќе спроведувале долгорочна студија која следела 139 деца на возраст помеѓу 2,5 и 6,5 години. Тоа им дало основа точно да следат како развојот се менувал во времето на карантините и потоа.
Забавиштето е критична година за социјализација со врсниците. Тогаш децата ги учат правилата во училницата и градат рани пријателства кои ја обликуваат нивната самодоверба, објаснува авторот на студијата, професорот Џон Спенсер од Факултетот за психологија.
Тој забележува дека многу деца што биле предмет на истражувањето почесто се заразувале со коронавирусот, што ја зголемува можноста дека периодите на болест го влошиле проблемот.
Истражувачите предупредуваат дека овие деца сè уште ги чувствуваат ефектите и дека на оваа генерација ќе им биде потребна поголема поддршка од наставниците, училиштата и здравствените служби во наредните години.
Според извештај од 2023 година од Speech and Language UK, секое дете во земјата пропуштило просечно по 84 дена во училиште поради пандемијата. Откако наставата продолжила нормално, осум од десет наставници се пожалиле дека по пандемијата е влошено невниманието на учениците. Децата повеќе разговараат за време на наставата, па дури и избувнуваат со викање и гласно смеење.