Брисел, европскиот град на макроата

Kратка прошетка јужно од зградата на Европскиот парламент во Брисел води кон Авенијата Луиз, одговорот на белгиската престолнина на Шанзелизе - делница од три километри со луксузни ресторани и луксузни хотели во убави згради. Некои доаѓаат тука за дизајнерските бутици. Други доаѓаат за секс.

Позната по своето чоколадо, пивото и евробирократијата, Белгија во 2022 година стана првата земја во Европа што целосно ја декриминализираше сексуалната трговија.

Доброволната сексуална работа излезе од ингеренциите на кривичниот закон а макроата, борделите и сопствениците на агенции за ескорт станаа легитимни бизнисмени и бизниси.

Две години подоцна Белгија отиде и чекор понатаму нудејќи формални договори за вработување на жени кои работат како проститутки во лиценцирани бордели; принудувањето на другите останува нелегално, а нелиценцираните макроа се подложни на високи казни. Теоретски, тоа значи дека околу 30.000 жени во Белгија кои се занимаваат со проституција сега се работнички како и сите други - со пристап до породилно отсуство, надомест за боледување и одмор и членство во синдикатите.

Но, досега само четири бизниси се законски легитимни бордели, во согласност со новите закони. Меѓу другото и затоа што поголемиот дел од жените во белгиската сексуална трговија се жртви на трговија со луѓе. И затоа, како недокументирани, се исклучени од правната рамка.

Со други зборови, мнозинството жени во овој „бизнис“ се исклучени од законодавството кое активистите го славеа како „трансформативно“ и „историско“. До денес, немало случаи во кои на „работничка во бордел“ ѝ е одобрено боледување, надомест за мајчинство или е поднесен случај против менаџер на бордел пред омбудсман за трудово право.

Белгија успеа да ги овласти макроата  и да отвори огромен избор за машкиот сексуален потрошувач а не направи речиси ништо за да ги подобри животите на жените чија „работа“ го овозможува сето ова.

Минатата година, белгискиот министер за јавно здравје и социјални работи објави дека седум сексуално преносливи инфекции - хепатитис Б, папилома вирус, сифилис, кламидија, гонореја и трихомонијаза - ќе бидат официјално признати како „професионални болести“.

Факт е дека за повеќето сопственици на бордели не им е во интерес да станат легитимни бизниси бидејќи тоа би ги принудило да се придржуваат до мерките за здравје и безбедност а повеќето се свесни дека условите во кои проституираат жени никогаш нема да поминат контрола на стандарди.

Некои макроа имаат криминални досиеја а не некои туку речиси сите не сакаат да плаќаат данок. На тој начин, наспроти големите зборови за напредното законодавство, голем дел од проституцијата во Белгија останува под контрола на криминалци.

Во контраст со гламурот на Авенијата Луиз, на валканата улица „Д'Ерсхот“, во близина на станицата Брисел-Норд, се проститутки на излог, облечени во бикини, качени на столчињ кои чекаат купувачи. Тука „по набавка“ доаѓаат клиенти кои немаат луксузна хотелска соба, или воопшто хотелска соба. Но, дури и за овие жени е поверојатно да се тестирани за болести, за разлика од оние што висат на аголот на улицата во близина на железничката станица.

Макроата главно се Романци и Бугари. Многу од нив продаваат и дрога а некои се дел од банди за трговија со луѓе. Промените на законите немаат никаков ефект врз нив. Тоа е слободен простор во кој полицијата не прави проблеми. 

Холандија ја легализираше проституцијата во 2000 година. Само 5% од жените кои работат како проститутки се регистрирале. Германија воведе сличен закон во 2002 година. Од стотици илјади жени во сексуалната трговија, само 44 се регистрирале пред тоа да стане задолжително. А и сега кога е задолжително, малцинство го направиле тоа. Германија стана „борделот на Европа“ - со наводно повеќе проститутки по глава на жител отколку Тајланд.

Се проценува дека помеѓу 200.000 и 400.000 жени се занимаваат со проституција во Германија, опслужувајќи над еден милион мажи дневно. Мега-борделите сега се вообичаена карактеристика на германските градови што е форма на индустријализирана проституција.

Па, кој има корист? Повторно, мажите. Само 1% од жените во германската сексуална трговија склучиле целосен „договор за работа“ во бордел или агенција за ескорт.

Тоа е клучен пример за тоа како декриминализацијата ја проширува побарувачката и создава услови во кои трговијата со луѓе може да цвета а прогресивното законодавство служи само за нормализирање на експлоатацијата и продажбата на жени.

 

13 јуни 2026 - 18:02