Кога Вашингтон лани го отвори новиот конзулат во Ербил, најголем во светот, многумина ирачки Курди го сметаа за гаранција за трајно американско присуство во регионот. Неполна година подоцна, овој огромен комплекс вреден 800 милиони долари беше напуштен откако САД го повлекоа несуштинскиот персонал од регионот поради војната со Иран. Прометниот ирански конзулат во близина е симбол на ширење на влијанието на Техеран во Ирак.
Владин функционер во Багдад вчера изјави дека сите американски борбени трупи и сили за логистичка поддршка веќе го напуштиле Ирак, два дена пред предвидениот рок. САД не ја потврдија оваа информација, но истакнаа дека повлекувањето ќе биде спроведено во договорениот краен рок на 30 септември.
Во изминатите неколку години во Ирак беа стационирани околу 2.500 американски војници: во Ербил во автономниот курдски регион, во близина на аеродромот во Багдад и во утврдениот владин кварт во главниот град познат како „Зелена зона“. Нивната мисија беше да ја зајакнат безбедноста на Ирак од заканите од џихадистичката група Исламска држава.
Ова е второ повлекување на американските сили од Ирак по воената инвазија во 2003 година во која го соборија режимот на Садам Хусеин. Откако замина во 2011 година, американската војска се врати во 2014 година на барање на ирачката влада за да се бори против Исламска држава. Иако терористичката група беше „воено поразена“ во 2017 година, ИСИС задржа активни бази во земјата.

Ситуацијата во Ирак значително се влоши откако САД тргнаа во војна со Иран. За лидерот на ирачките Курди, повлекувањето на САД од Ирак е „срамен чин“, кој ќе ги остави незаштитени најцврстите американски сојузници во регионот. Најмалку 1.000 ирански беспилотни летала и ракети го погодиле ирачки Курдистан од почетокот на војната против Иран. Повеќето биле насочени кон кампови за обука на ирански опозициски групи и американски бази, но во август беше нападната и канцеларијата на регионалниот премиер Масрур Барзани.
Ние сме сојузници на САД и горди сме што сме поради тоа... Срамно е тоа што нè оставаат сами, без одбранбен систем. Одбивањето на моќните шиитски милиции да се разоружат може да го поткопа федералниот систем на земјата и да ја загрози тешко стекнатата автономија на Курдите, вели Барзани.
Според мировниот план, проирански милиции требаше да се расформираат и да се интегрираат државните сили за безбедност паралелно со повлекувањето на американските трупи. Но, крајниот рок за разоружувањето е одложено до јуни идната година, ако воопшто се реализира.
Тоби Доџ, експерт за Ирак од Лондонската школа за економија, изјави дека без американска воена заштита, Барзани нема избор освен да постигне договор со Техеран.
Пораката што им се упатува на долгогодишните американски сојузници во регионот е јасна: Снаоѓајте се самите и не сметајте на помош од Вашингтон, вели Доџ.
*****
Види и: Американската војска допрва излегува од Ирак