„Пред вратима спавала ко пас“ и слични хорори што турбо-фолкот ги претставува како љубов

Или, зошто не „се работи за вкус“, туку за сериозен општествен проблем и содржини што треба да бидат забранети за деца, а знаеме дека не се - напротив.

„Видеото е дел од испитен труд на Факултетот за драмски уметности во Белград, а целта му е да направи преглед на домашните и регионалните (екс-Ју) песни во чии текстови доминираат мотиви на женското понижување како ултимативен доказ на љубовта кон партнерот, односно машкото насилство над жените во семејно-партнерските односи,“ објаснува авторката Ана Нинковиќ во описот. „Во користените песни, насилството се релативизира, романтизира, а неретко и се промовира.“

Текстовите се моронски, но во еден момент престанува да биде смешно. Кога ќе ти текне дека ова се работи што се слушаат по дома, или во кафичи, а млади во формативна возраст се изложуваат на такви идеали - станува страшно.

Почнуваат со постари „хитови“ што се божем, застарени, па на некој може ќе му се види и забавно. Хоророт настанува за многу кратко време кога, спакувано во скапи спотови, згодноќа и мода, се пее за „волим укус твога ѓона“ и „можеш да ме милујеш, можеш да ме силујеш“?! Ние од спротивната страна на турбо-фолкот не сме спремни и запознаени со сите проблематични стихови, од сите проблематични песни и вилицата ни е до земја за некои работи.

Видеото е поделено на женска и машка перспектива и буквално не може човек да се одлучи која е пострашна. Женската, со себепонижување и спиење пред врата и казнувај ме, тепај ме како дете, би била тепих по кој ти газиш; или машката со детални описи на кршење од ќотек, закани за убиства, казнување со силување и чекор-по-чекор опишано тепање, со фрлање во шљунак, за секунда подоцна да испее нежно „фалиш ми“?

Гадното откако ќе го изгледаш (и ислушаш) видеото се појачува кога ќе ти текне дека тинејџери, што допрва учат за односи меѓу партнери, не се со закон изолирани од вакви текстови, туку напротив, одат на роденден и од звучник урла: „Само гази, гази ме ту пред свима, јер где има крви, ту и љубави има.“ А, ако не се толку по апла турбо-фолк, може ќе чујат рап со „њени модри хематоми мојој психи годе, ма иди курво у пизду материну, сада ќу ти послати метак у вагину.“

Не е веќе проблем „да не ти стават нешто во пијачката“, пазете ги да не им стават нешто во музиката.

21 февруари 2022 - 12:17