
Во мај 1971 година, американски „Лајф“ на насловна ја става Џермејн Грир, со наслов „Дрската феминистка што им се допаѓа дури и на мажите“. Иронијата е што неколку месеци претходно, Грир има објавено книга во која на стотици страници, меѓу другото, се занимава со тоа зошто на жените им е толку важно да им се допаѓаат на мажите. Тогаш има 32 години, докторат на Кембриџ и прилично интересна биографија и пред да стане светски позната феминистка.
Родена е во 1939 година во Мелбурн, се школува во католичко училиште за девојчиња, студира англиски и француски во Мелбурн, а во Сиднеј магистрира на сатирата кај Бајрон. Таму станува и дел од една интересна група луѓе, позната како „Сиднеј пуш“ - интелектуалци, уметници и анархисти што се собираат по пабови и дискутираат за сексуална слобода, религија, брак и сè што подразбира еден пристоен живот во Австралија во педесеттите години.
Во 1964 заминува во Англија, на Кембриџ докторира на раните комедии на Шекспир, се занимава со студентски театар и пишува за алтернативниот печат. Подоцна, додека гради академска кариера, учествува и во уредувањето на „Сак“- андерграунд списание посветено на сексуалната слобода, за кое и самата позира гола.
Во октомври 1970 година, веќе како предавач на Универзитетот во Ворик, ја објавува „Женскиот евнух“ (The Female Eunuch, на македонски никогаш не била преведена, но ние секако сме нонстоп назад со материјалот). Таму расправа што му се случува на едно девојче од моментот кога ќе се роди до моментот кога ќе стане возрасна жена.
Според Грир, на пример, учи дека има начини на кои е убаво да седи, да се смее, да зборува и да се лути (ако веќе мора да се лути). Учи дека има делови од телото што треба да ги крие и други што треба да ги истакнува, дека е убаво да биде интелигентна, ама не и да направи некој да се почувствува глупаво покрај неа. И во еден момент, сето тоа веќе не се ни доживува како нешто научено, туку како женска природа.
Оттаму и насловот - Грир смета дека жената е на некој начин кастрирана, со тоа што со години е воспитувана да се откажува од делови од сопствената личност, сексуалност и темперамент.
Патем, во истата книга, едно поглавје посветено на одбивноста што мажите ја чувствуваат кон жените почнува со реченицата:
„Жените имаат многу мала претстава за тоа колку мажите ги мразат.“
Книгата е продадена во огромен број примероци, преведена на повеќе јазици, а Грир станува редовна гостинка на телевизија. Има и талент за тоа - начитана е, духовита, брза на јазик и не бега од расправии. Со годините ќе има и такви што ќе ѝ забележат дека малку премногу ужива во провокацијата.
Инаку, една од поинтересните работи во кариерата на Грир, за која далеку помалку се зборува, е нејзиното истражување на историјата на уметноста. Во 1979 година објавува цела студија за жените сликарки, „Трката со пречки“ (The Obstacle Race). Зошто, на пример, знаеме толку многу имиња на мажи што сликаат во ренесансата, а едвај можеме да наброиме неколку жени? Што значи за една сликарка да нема пристап до истото образование како нејзините машки колеги, да не смее да слика по гол модел или да мора да ја прекине работата затоа што се омажила?
На Универзитетот во Тулса, во САД, основа и центар за проучување на женската книжевност. Во 1991 година, на 52 години, објавува книга за менопаузата и стареењето - ја интересира, меѓу другото, што сè може да добие една жена кога ќе престане да се очекува од неа да биде млада и убава. Интересна перспектива е, со оглед на тоа што и денес цела индустрија заработува од убедувањето на жените дека стареењето е нешто што по секоја цена треба да го одложат.
Со тек на време, Грир успева да налути и добар дел од феминистките. Особено остри реакции предизвикува со ставот дека трансродовите жени не ги смета за жени, поради што во 2015 година студенти бараат да се откаже нејзиното предавање на Универзитетот во Кардиф (Предавањето сепак се одржува).
Од работите што веќе ни стануваат проблем - во 2018 година, на книжевниот фестивал „Хеј“, предлага помали казни за силување во случаи кога нема дополнително физичко насилство, па дури и 200 часа општокорисна работа наместо затвор. Нејзината логика е дека со помали казни и понизок праг на докажување би имало повеќе осудени сторители. Сепак, јасно ви е зошто е ова проблематично - се минимизира тежината на самото дело, и како го објаснува? Нека се плашат помалку, па ќе ги има почесто, па ние ќе ги казнуваме? Изгледа не може да се биде беспрекорен во сите ставови.
Не е ни особено наклонета кон движењето #MeToo - смета дека жените треба да реагираат веднаш кога се соочуваат со сексуално вознемирување, а на дел од актерките што проговорија за Харви Вајнстин им припишува и желба за публицитет. Патем, Грир и самата зборува за тоа дека на 18 години била жртва на силување, кое никогаш не го пријавила во полиција.
Не мора човек да се согласува со сè што Џермејн Грир има кажано во кариера долга повеќе од половина век за да му биде интересно да ја чита. Особено денес, кога имаме цели генерации жени што се воспитувани да бидат независни, а сепак се извинуваат пред да постават прашање на состанок.