Шопинг во 2026 - и грижа за себе и напор

Едно време се купуваше по потреба. После и плус од задоволство. Сега, со сите онлајн продавници и можности, можеме ли да кажеме дека компулсивно се пазари, а се маскира како „грижа за себе“? И тоа од оние типови „грижа за себе“ што стануваат обврска?

Сте забележале ли како маркетингот во светот на модата сѐ повеќе се потпира на грижа за себе, емотивна благосостојба, „заслужуваш“ и слично? Купувањето ново парче од која и да е категорија се претставува како награда, начин да си го подобриме расположението или мал гест на себесакање.

Заслужуваш нови чизми. Заслужуваш нов кармин. Го заслужуваш кафето од 7 евра. Заслужуваш нов телефон, иако стариот уште функционира скоро па беспрекорно.

Ја заслужуваш богами и двоцифрената бројка на сметка сега.

Ајде психолошки да разгледаме - купувањето навистина може да предизвика краткотрајно задоволство. Очекувањето на нешто ново, чувството на избор и можноста да си дозволиме нешто што ни се допаѓа можат позитивно да влијаат врз расположението. Сепак, не трае, барем не секогаш. Кога новите производи постојано се појавуваат пред нас, желбата лесно се обновува, а претходната набавка брзо ја губи таа привлечност со која нè освоила. Тука доаѓаме до феноменот на потрошувачки замор. Постојаното следење трендови, споредување производи, разгледување попусти и одлучување што вреди да се купи може да стане ментално исцрпувачко. Наместо задоволство, купувањето одеднаш го носи она грдо чувство дека постојано пропуштаме нешто. А ни социјалните мрежи не се од помош - нонстоп усложнуваат со комбинации, препораки и промотивни содржини и ја бришат границата меѓу инспирацијата и рекламата, па дури и обичното разгледување модни фотографии може да се претвори во поттик за трошење.

Секако, нема ништо погрешно во повременото купување за задоволство - проблемот се јавува кога „трошење пари“ станува главен начин за справување со досада, стрес или незадоволство.

За следниот пат, може не треба на прва нервоза да се фатите за корпата на Тему. Self care е и да излезеш да прошеташ, а богами и да преброиш колку маски за телефон имаш и дали ти требаат нови.

26 ноември 2026 - 12:40