Еврејски поглед на Џорџ Сорос

На страна од глобалната стереотипна дебата околу Џорџ Сорос во која тој е или ангел чувар на вредностите на демократијата или демон кој стои зад сите денешни зла, конзервативниот магазин на еврејската заедница во САД нуди еден понијансиран поглед на неговата улога. Дека секој критика не е баш без основа, на линија на она што ние еднаш му го пишавме на Владимир Милчин, да знае Карл Попер што сè во негово име се финансира, ќе се превртува во гроб.

Главни линии на опсежната анализа во магазинот Таблет се дека постојат два Сороса, оној во Европа и оној во САД при што вториов игра многу погрешно и дека заради пуста желба да биде да биде земен озбилно во политичките кругови на САД, Сорос во 2000те се поставува исклучително на страна на екстремот на политичката левица: не поддржува визија туку екипа, го радикализира политичкиот жаргон претворајќи го во трибалистичкото „или ние или тие“, игра валкано како и сите други но со поттекст дека неговите ќе бидат праведни ама ОТКАКО ќе дојдат на власт (познато?) и полека самиот се трансформира во закана за идеалите на Карл Попер кои стојат во темелите на неговото Отворено општество.

Авторот му признава дека како на човек израснат во Европа кој живеел и под нацисти и под комунисти, на Џорс Сорос пред сите други му било јасно колку темелна реконструкција (во политичка, вредносна и економска смисла) ѝ треба на источна Европа. Уште пред да падне Берлинскиот ѕид, за оваа голема сива советска зона тој предлага Маршалов план, но бива исмеан од западните фактори кои долги години беа пијани од победата над комунизмот. Три години пред од нигде никаде да се појави Путин и да се устоличи како апсолутен владетел на Русија, Сорос предупредува дека „пљачкашкиот капитализам кој се зацврстува во Русија ќе доведе до тоа луѓето во еден момент да се свртат кон некој харизматичен лидер кој ќе им вети национален препород на сметка на граѓанските слободи.“

Џејмс Кирчик од Таблет верува дека Сорос во Европа финансира партиски неутрални иницијативи кои ги промовираат вредностите на отвореното општество на Попер, при што некои му се кристално чисти, на пример она што го има направено за правата и животот на Ромите. Кирчик не ги крие и поинаквите погледи, оние кои се сомневаат дека зад филантропијата лежат ако не лукративни цели, тогаш барем политичка желба за влијание особено врз на интелектуалната елита. Сепак, тој е убеден дека количината критики кон Сорос како главен проблем на една држава во источна Европа е лакмус за тоа колку таа држава е далеку од лоцирање на своите вистински проблеми.

Америка за првпат сериозно го запознава Сорос во 1995, преку еден темелен профил во Њујоркер. „Она што Сорос го сака повеќе од сè е да биде слушнат“, пишуваше таму со појаснување дека скептицизмот на медиумите кон него беше намален дури откако тој стана најзначајниот финансиер на американската левица. „Тој се коцкаше со идејата дека лесно ќе ја трансформира својата финансиска популарност во јавна и политичка популарност,“ пишува Кони Брук потсетувајќи дека како млад, Сорос се занесува со идеја дека ќе стане новиот Џон Кејнс или дури и Ајнштајн.

На тој ајнштајновски бран и својата книга ја насловува преамбициозно („Генерална теорија на рефлексивноста“), само што во неа, не само што нема револуционерни откритија туку Сорос покажува дека и нема што баш битно да каже.

Па сепак ќе напише уште 14 книги. За една од нив, „Критика на глобалниот капитализам“, добитникот на нобелова награда за економија Роберт Солоу, во својата рецензија насловена кратко и јасно „Аматер“, ќе напише дека она што го прочитал е „засрамувачки банално“.

На милијардерот никако не му е право што политичките тешкаши не го земаат за озбилно. Еднаш сподели дека кога Клинтон го примил (бидејќи му бил еден од главните донатори), овој повеќе се интересирал за берзата и акциите отколку за она што Сорос имал да му го каже за ситуацијата во поранешна Југославија.

Можеби поради тоа недоволно внимание, Сорос почнува со својата „политички агресивна“ филантропија, го радикализира говорот, почнува пречесто и прелесно да користи аналогии со фашизмот, го нарекува Буш нацист манихејски делејќи ја стварноста на „ние или тие“ и генерално ја дига тензијата на политичкиот живот. За дури откако оној лудак стави бомба во неговото сандаче, неговиот најмлад син Александар, во Њујорк Тајмс да напише дека „Време е да се најде нов политички дискурс во кој нема да се демонизираат политичките опоненти.“

Но факт е дека самиот Сорос го правеше тоа. Дури и пред да се појави златокосиот со она негово „Хилари во апс“, Сорос го имаше усвоено јазикот на политичка делегитимизација и дисквалификации на политичките конкуренти. 

Кога за оној дебело медиумски покриен скандал кога женски активистки сардисаа во лифт еден републикански политичар, Трамп рече дека е организиран и платен од Сорос, американските меинстрим медиуми беа ентузијастички од негова страна, тврдејќи дека зад критиките на претседателот се крие дури и анти-семитизам.

„Чисто заради фактичка прецизност, тврдењата на Трамп и другите конзервативци дека Сорос ги има платено лицата кои протестираа пред изборот на Кавано - беа точни. Не дека тој лично им има потпишано чекови на протестантите туку дека преку неговата филантропска мрежа има донирано озбилни пари за оние кои го организираа протестот, вклучително и во оние кои го драматизираа и снимааа инцидентот во лифот,“ пишува Кирчик.

Подоцна, поранешниот новинар на Волстрит Журнал, Асра Номани, излезе со анализа дека најмалку 20 од најголемите групации инволвирани во протестот се грантисти на Сорос.

Во статијата на Таблет детално се анализира како парите на Сорос одат во партиски а не вредносни иницијативи, и што сè спорно има тој поддржано; контроверзни личности кои се занимаваат со лов на вештерки (еден од нив за анти-семити ги има прогласено и Сем Харис и Бил Маер а и филмот Блек Пантер не му се свиѓал пошто му асоцирал на Боко Харам), организации кои се дискредитирани (една од нив неодамна плати милионска отштета заради дисквалификации и навреди), како подржува заштита на муслимани а не и на Евреи (иако инцидентите и говорот на омраза кон вториве е далеку поприсутен) и др.

„Болно е да се гледа како човекот кој на млади години чудесно ги преживеа двете големи историски трагедии реши своите стари години да ги помине палејќи огнови кои се закануваат дека ќе ги проголтаат вредностите за кои самиот се бореше со децении,“ пишува Кирчик во Таблет.

 

27 ноември 2018 - 11:03