За гостинот во Сончевиот систем не важат гравитациските закони

Како што ни се приближува кометата-натрапник во нашиот Сончев систем, така се повеќе ги збунува, па и ги вознемирува астрофизичарите со своето непримерно однесување. 3I/ATLAS едноставно не се движи по очекуваната патека теоретски дефинирана од гравитацијата и зад себе остава чудна опашка. Тоа физичарите не можат да го објаснат, ако кометата нема сопствен погон.

Ави Леб, шеф на проектот Галилео, директор на Институтот за теорија и пресметки на Центарот за астрофизика на Харвард-Смитсонијан, беше првиот истакнат научник што отворено ја изнесе хипотезата дека 3I/ATLAS можеби е вселенски брод на вонземна цивилизација дизајниран да личи на комета. 

Оваа теорија, според него, наједноставно би ја објаснила чудната траекторија на кометата, која пред неколку дена помина покрај Сонцето. На 60% ја проценува веројатноста дека чудните сигнали што ги испраќа карпата се природен феномен за кој науката нема одговор. Другите 40% се дека таа е летало од друга цивилизација, со вграден мотор.

Како прво, НАСА потврди дека 3I/ATLAS се приближува до Сонцето со забрзување што не соодветствува на очекуваното гравитациско влијание на нашата ѕвезда. Негравитациското забрзување може да биде технолошка последица на внатрешен мотор. Физичкото објаснување на аномалијата е многу посложено.

Кога кометата била најблизу до Сонцето, на растојание од 203 милиони километри, односно на 1,36 астрономски единици (далечината од Земјата до Сонцето), било пресметано негравитациско радијално забрзување од 135 километри на ден на квадрат и трансферзално од 60 км/ден2. За да го зачува импулсот при вакво движење, кометата би морала да изгуби една десетина од својата маса во следните два месеца, што би било видливо во форма на голем облак од гас во ноември и декември, објаснува професорот.

Вселенското летало „Juice“ на ЕСА би требало да ги забележи првите траги за губење маса веќе до крајот на оваа недела. На 19 декември 3I/ATLAS ќе биде најблизу до Земјата, на далечина од 269 милиони километри. Со моќните вселенски телескопи „Хабл“ и „Веб“ тогаш ќе може да се провери дали кометата изгубила 10% од својата маса како последица на испарувањето на мразот под дејство на сончевата енергија. Ако не, науката нема одговор и останува теоријата дека „кометата“ има сопствен погон.

И со бојата на опашката оваа меѓуѕвездена карпа отскокнува од кометите. Истражувачите Чиченг Жанг од опсерваторијата Лоуел и Карл Батамс од американската поморска истражувачка лабораторија забележале драматично засилување на светлината што кометата  ја испушта додека се приближувала до Сонцето. Кај вообичаените комети, овој процес се случува постепено, поради испарувањето на мразот во гас. Кај 3I/ATLAS ова се случува двојно побрзо, а црвената трага преминала во сина.

Сината опашка, според Леб, може да биде трага од јонизиран јаглерод моноксид, но и од мотор или извор на вештачка светлина.

Теоретските астрофизичари имаат лоша професионална навика да тврдат дека „податоците мора да се погрешни“ кога немаат теоретско објаснување за нив. Непотребно е да се каже дека истата лекција важи и за аномалиите на 3I/ATLAS, вели професорот Леб.

******
Види и: Сончев систем, добри гости ти дојдоа

3 ноември 2025 - 16:39