
Посетителот од ѕвездите 3I/Атлас е најголемиот од трите досега потврдени натрапници во Сончевиот систем. Астрономите го класификуваат како комета, бидејќи го гледаат замаглено, што веројатно е последица на топењето на мраз поради брзината.
Ричард Моисл, задолжен на планетарната одбрана во Европската вселенска агенција, вели дека Атлас не е закана за Земјата.
Ќе лета длабоко низ Сончевиот систем и ќе навлезе во орбитата на Марс, но нема да ја погоди нашата соседна планета. Со приближувањето кон Сонцето ќе станува се посветол до крајот на октомври, а потоа ќе биде видлив со телескоп до следната година, вели Моисл.
3rd interstellar object discovered? Maybe. There's a lot of buzz right now in the Astro community. More observations should come in tonight to confirm if A11pI3Z is from beyond the solar system. pic.twitter.com/B6d8ou1AmA
— Tony Dunn (@tony873004) July 2, 2025
Астрономите пресметале дека објектот се движи со брзина од над 60 километри во секунда. Тоа потврдува дека не е гравитациски врзан во орбита околу Сонцето, за разлика од кометите. Кога ќе помине низ Сончевиот систем ќе продолжи по својот пат во меѓуѕвездениот простор и нема да се врати.
Овие мали ледени топки веројатно се формираат во други ѕвездени системи. Кога друга ѕвезда поминува близу ја влече топката и ја ослободува да талка низ галаксијата. Оваа сега само поминува покрај нас, објаснува Џонатан Мекдауел, астроном од Центарот за астрофизика на Харвард-Смитсонијан.
Врз основа на првичните набљудувања, се проценува дека објектот е со дијаметар од 10 до 20 километри. Може да е помал, ако површината целосно му е прекриена со мраз, кој рефлектира повеќе светлина. Како и да е, тоа би билo најголемото од трите меѓуѕвездени тела што досега се откриени во Сончевиот систем.
Кога во 2017 година бил забележана чудната траекторија на телото 1I/Омуамуа, астрономи првично помислиле дека тоа можеби е вонземен брод. Така и личел со издолжената форма како пура и димензии од 120 на 1.000 метри.
Во 2019 година бил откриен и вториот, 2I/Борисов, кој бил поголем и покоцкест. Атлас е уште поголем и многу побрз.
Британскиот астроном Марк Норис оценува дека во Сончевиот систем може да има дури 10.000 меѓуѕвездени објекти, премали за да бидат забележани дури и со телескоп.
Поради брзината со која Атлас ќе помине низ Сончевиот систем не е возможно итно да се испрати мисија за да се пресретне. Ваквите посетители им нудат на научниците ретка можност да проучат нешто надвор од нашиот Сончев систем, на пример дали карпите содржат аминокиселини, што би било прифатено како дефинитивен доказ дека има услови за живот и во други ѕвездени системи.