Сè што треба да знаете за денешните родители и деца

Имало и бетер маало за живеење од Капиштец, неговите прашини од со месеци раскопаната улица (мислиш Кинески ѕид прават), живата музика од Интермецо и пајаците кои дигаат прописно паркирани коли пошто секоја ебена странска делегација ја носат во Воденица. Тоа бетер маало е маалото на Џејк Пол во Беверли Хилс. Кој е Џејк Пол? Игзектли.

Тоа е еден 20 годишен неподносливо глуп и испразнет од содржина лик кој важи за еден од најпопуларните јутјубери и инфлуенсери. Почна на Вајн а сега има Јутјуб канал на кој тотално идиотските видео клипчиња обавезно му стануваат вирални и набиваат и по 100 милиони прегледи. Кратка содржина на клип: Ај ќе го запалиме каучот во двор и ќе гледаме како гори.

Неговите комшии пред некое време му стегнаа тужба бидејќи откако ја обелодени неговата адреса, животот им го претворил во пекол. Се работи за куќа на Беверли Хилс во која за 17.000 месечно живее тој и менлива постава јутјуб кретени како него.

Откако ја дознаа куќата, за копиљаци од САД таа стана дестинација за аџилак. Се собираат секој ден околу 11 часот денски, честопати донесени од нивните родители кои под сенка седат на другата страна на улицата и чекаат на нивните златни деца да им помине меракот па да ги враќаат дома (некои од родителите се дојдени и со своите помали дечиња кои уште не се станати глупи).

Што се прави на тој аџилак? Се кмиши. Се собираат во групи, си кажуваат ексклузивни детали од житието на нивниот светец, го мантраат неговото име, штракаат по стотина селфија во секунда и се с'скаат кој повеќе ќе се доближи до оградата на куќата пред да биде предупреден од обезбедувањето. Сите наострени евентуално да го видат Џејк Пол на некој џам што ги фрла во колективна катарза изразена со врескање.

И, тоа е тоа. Шпицот е во сабота кога доаѓаат дечурлана од цела Америка. Новинари љубопитни за овој самрак на цивилизацијата забележале малолетни аџии од Њу Џерси, Њујорк, Невада, Аризона, Орегон, Флорида и се разбира, од цела Калифорнија.

Имате 19 минути за идолот кој ги форматира новите генерации? За да не се чудите утре, задутре.

 

 

 

1 август 2017 - 12:11