CNN и Трамп: Ти мене анти-војводо, јас тебе анти-сердаре

Иако непријателството меѓу Доналд Трамп и CNN личи на епско непријателство до истребување кое ја обележува политичката ера на Трамп, зад кулисите работите стојат многу поинаку.

Од почетокот на септември во јавноста доаѓаа снимки на разговори меѓу поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, и врвни луѓе од CNN, меѓу кои Крис Куомо и претседателот на медиумската империја, Џеф Закер. Разговорите со вториов се посебно интригантни со оглед на тоа што Закер во јавноста се портретира како еден од главните витези против злото наречено Трамп а снимките обелоденуваат дека тој не само што имал високо мислење за Трамп туку и се понудил со совети да помогне како тој да победи.

Со тоа се обелоденува една тажна слика во која истурените новинари и репортери на CNN  се борбено и непријателски поставени кон Трамп но за врвниот менаџмент на корпорацијата сето тоа е своевиден кибуки театар кој е корисен, ако не за пари, тогаш за влијание и моќ. А CNN, неговите рејтинзи и пари од маркетинг достигнаа рекордни износи во ерата на Трамп.

Јавноста своевремено се шокираше од бруталната искреност на Лес Монвес од CBS кога во кампањата во 2016 година изјави: Трамп „можеби не е добар за Америка ама е проклето добар за CBS!“

Разговорите Коен - Закер се правени во тоа време, кога Закер го храбри адвокатот дека Трамп ќе растури на дебатите. Тоа е сосема спротивно од она што го пишуваа медиумите што не му се наклонети на Трамп, дека тој е особено лош во дебати.

“Ќе ја избегне ли Трамп дебатата со Хилари?” се прашуваше Њујоркмаг тоа лето. Дали Доналд Трамп планира да го ескивира соочувањето во претседателските дебати” прашуваше Атлантик.. Зошто некој би би сакал да ескивира дебати? Затоа што “не е најдобар во нив“,  објаснуваше Вашингтон Пост додавајќи дека Трамп победил на републиканските избори „и покрај бледите дебатни перформанси“.

На тој наратив инсистираа и кога беше очигледно јасно дека е погрешен. На пример кога Њујорк Тајмс процени дека Џеб Буш го оставил без здив немоќниот Трамп а јавноста тој дуел го памти по ефектниот клизачки старт на Трамп кој на Бушоавата изјава дека „неговата мајка е најсилната жена што ја познава“, ладно му врати: „Тогаш требаше таа да се кандидира.“

„Сега ќе му се јавам (на Трамп - н.з.) и ќе му посакам среќа на вечерашната дебата,“ му вика Закер на Коен објаснувајќи му зошто се решава на повик а не на меил.

„Многу сум претпазлив што можам да ставам во меил. Ти како адвокат ме разбираш,“ вели Закер.

„Иако и самиот знаеш колку ми е драг ШЕФОТ (така го вика), тој некогаш знае, ако му пишам, утредента на сите да им каже дека сме разговарале за нешто, а јас тоа не можам да си го дозволам. А не дека не би сакал секој ден да се слушам со него, ама морам да бидам претпазлив“ вели Закер во еден разговор.

Во 2016-та протече еден документ од кој се виде дека кампањата на Хилари планира да ги подбутнува најекстремните кандидати кај републиканците. Но, тоа беше легитимна (иако се покажа погрешна) политичка проценка дека полесно ќе победат ако ги избуткаат Републиканците подесно.

Овде се работи за чиста трансакциона политика, пишува Мат Таиби, Закер на Трамп му нуди пат до ветената земја (позитивно известување за него) доколку седне во скут и игра по нивните совети, a тоа значи да игра за CNN и да ја игнорира левичарската публика на MSNBC и десничарската на Fox.

„Иронијата е тоа што Трамп победи наспроти CNN и CNN беа тие кои на крајот ја сменија песната, а не Трамп. Веројатно постои и автетично политичко уверување зад промената на курсот кон Трамп но не бидете сигурни дека ова денес е некоја комплетно нова приказна,“ вели Таиби.

13 септември 2020 - 18:45