Само во текот на оваа година Европската комисија три пати била жртва на сериозни кибернетски напади во кои биле загрозени чувствителни административни и лични податоци. Најновиот напад го призна дури откако порталот „Политико“ објави вест за инцидентот.
Нe е познато кога нападот почнал. Бил откриен на 22 октомври и бил потврден четири дена подоцна. Комисијата го призна дури на 19 ноември, откако јавноста веќе беше известена преку медиуми.
Извори на „Политико“ тврдат дека на ризик биле изложени податоци на 33.000 вработени. Алатките што ги користат вработените во Комисијата, како платните налози или евиденцијата за работено време и отсуства, биле исклучени од мрежата во траење од околу десет дена.
Нема да давам оценка за обемот и размерите на овој кибернетски напад... Не откривме докази дека во целост се пробиени податоци за вработените, изјави портпаролот Томас Рењие.
На прашањето зошто јавноста не била известена за нападот порано, Рењие одговори: „Воопшто немаше никакво прикривање“. Одби да посочи одговорност за слабата заштита и за прикривањето на инцидентот.
Но, на истиот брифинг портпаролот го промовираше предлог-законот „KIDS Act“ со кој се налага никој да не може да отвори нова сметка на социјалните мрежи без претходно да ја докаже својата возраст. Иако законот се промовира за заштита на деца, обврската би важела и за малолетници и за возрасни. Што се однесува до постоечките профили, од платформите се бара да ја проценуваат возраста на корисникот врз основа на соодветни показатели, како датум на отворање на профилот или податоци за кредитна картичка.
Предложениот Закон за дигитална правичност (Digital Fairness Act), претставен на 11 ноември, е уште една иницијатива на ЕК за верификација на возраста на корисниците на интернет, овој пат канализирана преку „трговци“. Дигиталниот паричник eIDAS 2, кој е дел од рамката на ЕУ за дигитална идентификација, им наложува на земјите-членки да им ја овозможат оваа услуга на сите граѓани до крајот на 2026 година. Според законот, користењето на дигиталниот паричник треба да биде „доброволно“. Сепак, Германија веќе одлучи од 2 јануари 2027 година тој да стане официјалното средство за дигитална идентификација.
Комисијата упорно ги отфрла критиките дека системите не се доволни заштитени. Кога во април годинава беше лансирана апликацијата за проверка на возраста, консултантот Пол Мур успеа да ја пробие заштитата за помалку од две минути. ПИН-кодот не бил поврзан со податоците за идентитетот, можело да се манипулира со бројот на обиди за најавување, а сликите од документите за идентификација се чувале без енкрипција.
Сериозно, Фон дер Лајен, оваа апликација во одреден момент ќе предизвика огромен безбедносен пробив. Прашање е само кога, предупреди Мур.
Сепак, Комисијата им наложи на сите 27 земји-членки апликацијата да биде ставена во употреба до крајот на 2026 година.
Дигиталната заштита на системите на Европската комисија беа пробиени и во март годинава, кога хакери украдоа клуч и се пробија во платформата за хостирање Europa.eu. Тимот за итни компјутерски интервенции соопшти дека биле загрозени податоци на 42 внатрешни клиенти на Европската комисија и најмалку 29 други субјекти на Унијата, вклучувајќи списоци со имиња, презимиња, кориснички имиња и адреси на е-пошта.