Кина крие црвено копче во зелените градски автобуси за Европа

Кинеските електрични автобуси за градски превоз „Јутонг“ што ги купиле Данска и Норвешка имале скриени СИМ-картички што му овозможуваат на производителот да ги деактивира, дури и кога се во движење. Механизмите досега не биле злоупотребени, но не се знае кој сè може да ги вклучува и исклучува. Данска тврди дека вакви дупки имаат сите уреди со кинеска електроника.

Норвешкото претпријатие за јавен превоз „Рутер“ го открил вградениот софтверски механизам при тестирање на два електрични автобуси во изолирана средина – холандски и на „Јутонг“. Во системот на кинескиот автобус биле скриени романски СИМ-картички што овозможуваат далечински ажурирања на софтверот и дијагностика на технички проблеми. Производителот има можност во секој момент да ги запре автобусите или да ги направи нефункционални преку ажурирање на софтверот. Заканата е само теоретска. Не се пронајдени докази за какви било злонамерни активности.

Тестирањето откри ризици против кои сега преземаме мерки. Националните и локалните власти се информирани и мора да се преземат дополнителни мерки на национално ниво, предупреди Бернт Реитан Јенсен, извршен директор на „Рутер“.

Истрагата покажала дека пристапот до далечинско деактивирање може да се спречи со отстранување на SIM-картичките на автобусите. Но таквата интервенција би ги исклучила автобусите од другите системи, што значи дека ќе бидат неупотребливи. 

Норвешка брзо го проширува својот јавен превоз со автобуси произведени во Кина. Од околу 1.300 електрични автобуси што сега се во употреба низ целата земја, околу 850 се произведени од „Јутонг“. Само во Осло и Акерсхус, возат околу 300. Јенсен бара да се воведат многу построги безбедносни проверки пред новите нарачки на автобуси, бидејќи софтверот од новата генерација е интегриран во сите системи и веројатно ќе биде уште потешко да се отстрани.

Итни проверки најави и Данска, чија најголема компанија за јавен превоз „Мовија“ има 469 кинески автобуси, од кои 262 се произведени од „Јутонг“.

Ова не е проблем само со автобусите, туку со сите видови возила и уреди со вградена кинеска електроника што може да се приклучи на интернет, изјави Јепе Гард, оперативен директор во Мовија, без да наведува конкретни докази.

Данската агенција за цивилна заштита објави дека досега немало ниту еден пријавен случај на деактивирање на електричен автобус, но предупредува дека возилата се опремени со „потсистеми со интернет конекција и сензори како камери, микрофони и уреди за глобално позиционирање што потенцијално може да се злоупотребат за нарушување на функциите на возилата“.

Производителот „Јутонг“ објави дека строго се придржува до важечките закони, прописи и индустриски стандарди во градовите во кои се испорачани возилата. Податоците од терминалите за возила на „Јутонг“ во ЕУ се чуваат во центарот за податоци на Amazon Web Services (AWS) во Франкфурт.

Овие податоци се користат исклучиво за одржување, оптимизација и подобрување на возилата, со цел да се задоволат потребите на клиентите. Податоците се заштитени со енкрипција на службата што ги чува и има соодветни мерки за контрола на пристапот. Никој не смее да пристапува или да ги гледа овие податоци без овластување од клиентот, објави портпарол на кинеската компанија.

5 ноември 2025 - 10:47