ХБО викендов го пушти првиот од двата дела на документарецот за Мајкл Џексон за кој после премиерата во Санденс Гардијан пророкуваше дека „на наследството на Мајкл Џексон веќе никогаш нема да се гледа со исти очи“.
Во пресрет на тој долгоочекуван настан, според британски Телеграф, Радио 2 на Би Би Си тивко ги тргнала сите песни на Џексон од својата програма. Од своја страна, правните чувари на неговиот „имот и дело“, баш во ист термин со премиерата и баш со исто времетраење, на Јутјуб закачија концертен филм од Мајкл Џексон, за да поклопат барем дел од несаканото внимание околу него.
Не дека е нов тоа проблем во шоу бизнисот, каков став да се има кон уметниците и нивните дела кога ќе се открие некоја нивна темна страна. Ако Чаплин релативно лесно помина со неговиот мерак за малолетнички, зад Роман Полански и Вуди Ален сè уште се влечат опашки.
Само што денес, све некој од нешто се откажува, бара негова општествена изолација, апелира на бојкотирање, нејќе очи да му види, тој за мене веќе не постои....
Тоа не им се случува само на познатите предатори од калибарот на Харви Вајнстин или Бил Козби, проблематичните околу расните прашања Розен Бар или Кање Вест, туку се „канселираат“ и филмови како „Три билборди“, Греми награди, филери за усти, сешто.
„Да имавме култура на правда, немаше да имаме култура на откажување“, резонира Аманда Маркот за Салон по која сите овие очајни апели се компензација за тоа што системот е расипан.
Со апели за бојкот се компензира тоа што луѓето гледаат дека познатите и богатите лесно се извлекуваат неказнето или пак успеваат со многу пари да ги стишаат лошите гласини за нив. Па наместо зад решетки да заврши човек за кој е докажано дека правел лошо, се надеваат дека правда е ако барем неговото дело заврши таму
Маркот споредува со случајот на покојниот Тупак Шакур. Лани жена сведочеше како била силувана од група во која бил и тој. Приказната беше многу, многу пожестока од оние „чудно ме фати за рамо“ и „ме погледна со поглед кој ме вознемири“ сведоштва од бранот #MeToо па сепак не се покрена никаква иницијатива за бојкотирање на музиката на Тупак. Зошто? Затоа што тој претходно веќе беше осуден (иако минимално - 9 месеци) и колку-толку го стигна казна па не мораше отсуството на овоземна правда да се бара со 'космичка правда' која демек ќе се постигне со неслушање на неговите албуми.
„Мајкл Џексон е преголем за да падне,“ смета музичкиот критичар на Слејт, Карл Вилсон, кој порачува дека е бесмислено некој да се надева дека со интернет иницијативи ќе издејствува неговото творештво туку така да биде ставено во бункер.
Со други зборови, музиката на Мајкл Џексон со елегантен мунвок ќе ја помине целата таа „култура на откажување“.
Уште еден детал за тоа колку бесмислен е тој концепт. Јутјуберот Логан Пол попуши еден од најжестоките интернет бојкоти заради едно свое контроверзно видео. Луѓе славеа дека му дошол крајот на овој - стварно нејасно зошто толку популарен - Јутјубер, се правеа сеирџиски хаштази #LoganPaulIsOverParty и беше општонародна интернет радост што плавокосиот се насанка со глупото видео па ќе го снема од нашите животи.
И што прави сега Логан Пол? Снима документарец за сето она низ кое проаѓал кога беше центар на скандалот и нормално, од документарецот ќе намлати силни пари!
Така што, оние кои бучно инсистираат на бојкоти и упорно ги убедуваат луѓето дека некој не заслужил повеќе да биде предмет на внимание, всушност на истите им прават неверојатна услуга бидејќи забораваат дека единствената валута на интернет е - вниманието.
*****
Ако требаше пократок одговор на прашање од насловот на оваа статија, тој гласи:
- Ама, нормално.