Пред проекцијата на фестивалот Санденс, на гледачите им било кажано дека на располагање им стојат медицински лица во случај да им се слоши. Имало и повеќе полиција од што е вообичаено бидејќи најавата на филмот предизвика масовен гнев меѓу фановите на Мајкл Џексон; имало и закани за режисерот Ден Рид и протагонистите на филмот. Формалните наследници на оставштината на Џексон за филмот рекоа дека е „брутален и патетичен обид да се искористи Мајкл Џексон и да се кешира на него“.
„Напуштање на Неверленд“ е приказна за Вејд Робсон и Џејмс Сејфчук. Протагонистите делат сличности: обајцата имале под 10 години кога Џексон ги зема под свое, обајцата имале склоности за настапување пред публика, обајцата со глупи, преамбициозни мајки кои со сета душа ја форсирале нивната блискост со мега популарниот пејач, фасцинирани што ѕвездата токму нив ги има одбрано.
Денес 36 годишниот Вејд, на 5 годишна возраст победил на детски натпревар на имитатори а награда било запознавање со Мајкл Џексон. А Сејфчук влегува во неговата орбита откако успеал на кастинг за реклама на Пепси.
До нивна 10 годишна возраст, тој веќе ги носел со себе на турнеи, со дозволи од мајките. Кога мајките доаѓале во придружба на своите деца, во хотелите им биле резервирани соби на спратови различни од оној на кој син им се дружел со ѕвездата. А кога се изградил ранчот Неверленд, приликите за непречени дружења процветале.
Сејфчук се сеќава дека кога еднаш се разбудил, Мајкл му рекол дека додека спиел, тој орално го задоволил и дека тоа било нормален начин на изразување љубов. И му рекол дека и нему му било првпат... и никогаш да не им верува на жени.... и да му е јасно дека ако некој дознае, ќе настрадаат и двајцата.
„Тебе и мене Господ нè спои“, му рекол М.Џ. на Вејд кој бил вовлечен во сексуални игри уште на своја седумгодишна возраст. Орал, анал, сешто. Тврди дека Џексон за тоа го наградувал со скап накит и подароци. Бенџамин Ли во Гардијан пишува дека една од најморничавите сцени во документарецот е кога Вејд ја раскажува „венчавката“ која Џексон ја организирал за себе и него, на која му дал и веренички прстен кој Вејд сè уште го чува.
По некое време, во животот на Џексон влегуваат некои нови деца па овие престануваат да бидат толку специјални и полека биваат дистанцирани. Вејд на пример, е заменет од Меколи Калкин за спотот на „Black and white“. Пред проекцијата на документарецот во Санденс, Калкин остана на тврдењето дека во односот меѓу него и Мајкл Џексон немало ништо необично.
Оние кои се сомневаат во веродостојноста на сводечeњата, прашуваат зошто на двајцата толку им требало, бидејќи Џексон одамна не беше недопирлив на овие теми. Вејд дури се има појавено во еден судски случај против Мајкл Џексон во 2004-та година, за сексуална злоупотреба на друг малолетник. И тоа како сведок на одбраната на Џексон.
Велат дека треба време да се сфати дека „тајните ќе те изедат одвнатре“ и дека тој период им донел долги години депресија, изгубеност и други душевни јади.
„Кога растеш злоупотребуван, потребно е време да сфатиш дека тоа било злоупотреба“, вели еден од нив.