Здравствените последици и трошоците на овие балкански трујачи ги поднесуваат првенствено граѓаните од нивните земји но и земјите од ЕУ, се вели во извештајот на неколку организации (HEAL, Sandbag, CAN Europe, CEE Bankwatch и Europe Beyond Coal) кој деновиве бил претставен во Брисел.
Анализата е заснована на методологија на СЗО и ЕК а резултатите покажуваат дека 16-те западно-балкански термо-електрани на јаглен предизвикуваат 3.000 предвремени умирања годишно и барем 8.000 случаи на бронхитис кај деца. Се проценува дека здравствените трошоци поврзани со загадувањето на воздухот изнесуваат меѓу 6,1 и 11,5 милијарди евра.
Во 2016 година тие 16 термо-електрани со вкупно 8 GW емитувале поголеми количини SO2 отколку сите европски термо-електрани заедно, а ги има 250 со производствен капацитет од 156 GW. Подеднакво алармантни се и испуштањата на ситни честички (PM2,5 i PM10 и азотни оксиди (NOx).
Постојат бројни студии за штетноста на балканските термо-електрани кои се оценуваат како стари, нефункционални и дека работат под стандардите на заштита на човековата околина. Но, бидејќи на локалните носителите на политички одлуки и решенија им е најевтино да ги трујат своите граѓани а ЕУ тоа го третирала како нивен домашен проблем, проблемот е останат на ниво на студии. Можеби работата ќе се среди дури кога Унијата ќе реши да не биде веќе труена од нас па така и ние колатерално да се спасиме.