Интимен речник

Леви-Строс каков што (не) го познаваме

Новинарот и филозоф, Доминик-Антоан Грисони, му прави интервју на големиот антрополог-структуралист Клод-Леви Строс, во форма на интимен речник. Одговорите се на места сурово искрени - на човекот кој доживеа 101. очигледно при крајот на животот многу работи веќе му биле јасни.

ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛИЗАМ

Филозофска мисла која не ме допира: мене ме интересира проучувањето на човечкото на друго ниво.

ЕНЦИКЛОПЕДИЧНОСТ

Нешто му должам на татко ми, кој ме поттикнуваше, со сила ме тераше на истражување во сите насоки, така што кога станав адолесцент имав чувство дека ми се достапни сите видови интелектуални делувања: компонирав музика, сликав, пишував. Вистина е дека тоа подоцна ми штетеше, и тоа е една од причините што почнав да пишувам прилично доцна: бев премногу распрснат на различни работи. Денес се надевам дека ми успеа од сето тоа барем нешто да искористам.

ФИЛОЗОФИЈА

Моето образование. Всушност јас бев филозоф во празно, затоа што сето останато ме одбиваше. Немав никаква посебна склоност кон филозофијата, некое посебно интересирање за неа. На почетокот ја учев, потоа почувствував отпор, а сега, можеби затоа што дојдов до одредена мудрост, си велам себеси дека човек почнувајќи од мигот кога се обидува да размислува за светот и феномените секогаш барем малку и филозофира. Денес за мене не е повеќе прашање дали сум јас за филозофијата или против неа, туку како човек да се одреди, или можеби постави, во однос кон двете поимања на филозофијата. Едното, што до крај го заговараше Сартр, вели дека филозофијата е подрачје за себе, и свесно ја игнорира научната мисла. Второто, и тоа е она кое ме интересира, се состои од настојувања за критичко размислување, разбирање, барање импликации на она што го создава човечката мисла, како во науката така и во уметноста. Денес мислам дека филозофијата која поставува прашања во врска со визијата на светот каков што го раѓа напредокот на билогијата или физиката, е истовремено и неизбежна, и оправдана.

ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ

Мора ли интелектуалецот да има став за големите светски проблеми? Дали е тоа негова обврска? Мислам дека треба да се нијансира и да се разликува. Ако интелектуалецот ја посветува својата рефлексија на светот и на неговите проблеми, тогаш ми е разбирливо дека зазема став...Ако пак својата рефлексија ја посветува на други прашања, тогаш не знам кога некој наоѓа време со еднаква грижа и со еднакви скрупули да размислува и за светските.

ЈАЗИК

Божество кое сме должни да го почитуваме.

КНИГА

Животна супстанца со која се храниме.

БИБЛИОТЕКА

Ужас: не знам веќе што да правам со моите книги, не знам што имам, каде се. Помислувам дека пред 28 години, кога се вселив во станот каде што сум сега, беше баш фасцинантна. На ѕидовите беше претставен целиот свет и секоја книга заземаше место кое народот на кој се однесуваше го имаше на географската карта.

МОНОТЕИЗАМ

Никаква радост во врска со него. Ако сум фасциниран од Јапонија, тоа е делумно заради шинтоизмот. таа чудна можност на вбризгување на божества во сè, не е важно во што, во најмалиот ѕид, во најситниот цвет.

ПАРИ

Како би ги искористил кога би ги имал доволно? Би си купувал убави предмети.

НОВИОТ ФРАНЦУСКИ РОМАН

Слабо го познавам. Всушност, можеби и сакав некои од нив да прочитам. Ама ми беа досадни.

ПАМТЕЊЕ

Го немам, тоа е болно. Ако сакам да се сетам на нешто пишувам ливче, инаку за два саат го заборавам.

ПИШУВАЊЕ

Пишувам за да не ми биде здодевно. Го сакам, но не ми тече во непрекинато барање на убава реченица. И покрај тоа, свесен сум дека не би ми успеало да изразам мисла доколку не би побарал помош во формата.

ПРЕДАВАЊА

Јавно размислување. Моите предавања беа соочени со самите себеси. Воопшто не знаев кој е пред мене.

ПРИЈАТЕЛИ

Имав многу малку вистински пријатели.

ПАТУВАЊА

Не сум се сменил, ги мразам. И денес одам на патувања кои се услов да дојдам до некои резултати: минувам далечини, го менувам просторот, посетувам други места. Но помислата дека ќе патувам со авион, дека ќе слетувам на аеродроми кои се насекаде исти, за мене е една константа на ужас. Мојот идеал: патување пеш според примерот на Русо.

ПСИХОЛОГИЈА

Некаде запишав дека етнологијата е вид психологија. Значи би рекол дека се држам на работ на психологијата.

РАБОТА

Средство за мирна совест.

СМРТ

Нешто што ме лути: заради неа нема да видам каков ќе биде светот за сто, двеста или две илјади години.

СТРУКТУРАЛИЗАМ

Онака како што се сфаќа, тоа е париска мода, една од оние што се создаваат на секои пет години. И оваа го имаше својот петгодишен период.

ВЛАСТ

Се плашам од власта. Тежок анархист сум.

НАУКА

Нe верувам дека моето дело е наука во строгата смисла на зборот и не верувам дека нашите таканаречени хуманистички или општествени „науки" се навистина науки. Да се претендира на тоа би било мамење. Затоа научната рефлексија, онаква каква што се покажува во сета своја величина - во биологијата или физиката, ми слуши како светилник. Го гледам, јас несреќен стручњак за наводно хуманистички науки, ја одмерувам мојата бесконечна неспретност, и си велам себеси дека морам да тежам кон него колку што можам, иако сум свесен дека никогаш нема да го досегнам.

28 ноември 2012 - 11:40