Времињата (не) се менуваат: песна на Дилан отстранета од видео на Мамдани

Издавачката куќа Јуниврзал ја отстрани песната на Боб Дилан од промотивното видео на новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, велејќи дека не сакаат да ги лиценцираат неговите композиции за „проекти поврзани со политички личности“.

На денот кога новиот градоначалник на Њујор, Зохран Мамдани, ја прослави својата историска победа, на своите профили на социјалните мрежи објави политичко видео во кое беше искористена познатата песна на Дилан, „Времињата се менуваат“ (The Times They Are a-Changin’), само парафразирано во „Њујорк се менува“. Видеото брзо стана вирално, со повеќе од 14 милиони прегледи само на Икс.

Сепак, веќе следниот ден тоа беше оневозможено за гледање, со порака дека е „отстрането по барање на сопственикот на авторските права“. Според Њујорк Тајмс, не станувало збор за лично барање од Дилан, туку од Јуниверзал мјузик паблишинг груп, која ги поседува правата на песната.

„Како долгорочна политика, не ги лиценцираме композициите на Боб Дилан за проекти поврзани со политички личности“, изјавиле од фирмата. Истиот медиум објави и дека издавачката куќа претходно одбила понуда од тимот на Мамдани за користење на песната во неговата кампања.

Како што пишувавме, во 2020 година Дилан склучи голема зделка со Јуниверзал (па повлече нога и за други), со која го продаде целиот свој каталог од околу 600 песни за сума од над 300 милиони долари, меѓу кои е и споменатата.

Мамдани го победи независниот кандидат Ендру Куомо и на 1 јануари 2026 ќе стане најмладиот градоначалник на Њујорк во последните 100 години. Во меѓувреме, Боб Дилан, кој неодамна доби признание од музичкиот колеџ Беркли, се подготвува за новата британска и ирска турнеја во рамки на Rough and Rowdy Ways, која почнува на 7 ноември во Брајтон.

Видеото е уште достапно на Инстаграм

7 ноември 2025 - 15:10