Дали носењето маица со Џој дивижн е антисемитски чин?

Кога австралискиот премиер Ентони Албанезе неодамна слезе од авион облечен во маица со логото на Џој Дивижн, предизвика политичка бура — помала, но доволна за да се постави прашањето: дали е контроверзно или антисемитски да се носи маица со името на овој бенд и кое е воопшто неговото потекло?

На 23 октомври, лидерот на лабуристите и премиер на Австралија, Ентони Албанезе, се врати од САД во неформално издание - носеше маица со името на британскиот постпанк бенд Џој Дивижн, односно со корицата на нивниот прв албум Unknown Pleasures (1979), на која е прикажана графика на радио-бранови од пулсарот CP 1919. Сликата е дело на Питер Савил и денес е препознатлив симбол, продаван насекаде и носен од обожаватели на Иан Кертис, но и од луѓе што сакаат да изгледаат „кул“ без да ја знаат дискографијата на бендот.

Пет дена подоцна, лидерката на опозицијата Сузан Леј во парламентот го нападна Албанезе, тврдејќи дека маицата е „навреда за сите“ и дека бендот е антисемитски затоа што името „Џој дивижн“ наводно се однесува на единица во нацистички концентрационен логор, каде што еврејски жени биле присилени на сексуално ропство.

„Во време кога Евреите во Австралија се соочуваат со раст на антисемитизмот, премиерот избра да се прошета со симбол на омраза и страдање“, изјави Леј, барајќи извинување.

Но дали навистина Joy Division имаат антисемитска позадина? Краткиот одговор е - не.

Подолгиот: бендот првично се викал „Варшава“, а подоцна го сменил името во „Џој Дивижн“ — фраза што потекнува од романот „Куќа на куклите“ (1953) на Јехиел Де-Нур, еврејски писател и преживеан од холокаустот. Книгата опишува групи жени во концентрациони логори кои биле присилени на сексуално ропство. Сепак, според музејот Аушвиц-Биркенау, не постојат историски докази за посебно „одделение“ во кое биле држени еврејски жени за таа цел - повеќето жени во логорските бордели биле Германки затворени за проституција.

Чувствителноста кон еврејската заедница е секако важна, особено во време кога често се мешаат верски идентитети со политички постапки на израелската влада. Но реакцијата на Леј се смета за обид да се соберат политички поени - нејзините тврдења се еднакви на тоа да се обвини бендот Спандау балет за симпатии кон нацизмот затоа што нивното име се поврзува со затворот Спандау.

Повеќето Австралијци го видоа случајот како вештачка контроверза. Албанезе не се извини, ниту еврејските организации го осудија. Неговиот партиски колега Пат Горман изјави: „Станува збор за маица од познат бенд. Постојат големи проблеми во светот, и ова сигурно не е еден од нив.“

извор

5 ноември 2025 - 15:21