Што се има случено со неделата? Вчера цел ден ја барав и никаде не можев да ја најдам.
Се сеќавам, некогаш секоја недела беше празник. Се облекуваше бела кошула, се миеја уши и врат. Во недела се одеше на семејни ручеци после кои сите дремеа, расфрлани по станот како насукани китови, па дури мирисот од црното кафе ќе нè разбудеше од таквата замаеност.
Станувавме полека, внимателно, ништо не смееше да биде брзо и нагло. Недела беше денот на бавноста, ден на мрзата, кој се поминуваше како ништо да не му претходеше и како ништо да не ќе се случи после него.
„Недела - ден без иднина“, напиша во една своја приказна Раша Ливада. Не знам што мислел кога го напишал тој стих, но за мене тоа е најубавиот опис на неделата. Онаа другата недела, каква што некогаш беше, не онаа каква што е сега и каква што беше кога вчера излегов од дома.
Некогаш во недела не работеа дуќаните. Поточно, до десет во некои од нив можеше да се купи леб, млеко и погачици а до десет беа отворени и трафики за весници. Сè останато беше затворено и уживаше во неделниот мир.
На пазар се одеше в сабота. Тоа беше вистински ден за купување пиперки, лубеници и кајмак. Во недела се одеше само ако нешто ве имаше спречено во саботата. Впрочем, неделната понуда на пазар беше само бледа сенка во споредба со саботното изобилство.
Недела беше ден за излет. Се качувавме на Авала како да го освојуваме Монт Еверест а потоа трчавме низбрдо додека не се умориме. Тогаш ќе извадевме кифли намачкани со путер, тврдо варени јајца, Зденки и црвени јаболка.
Во недела попладневниот мир во дворот траеше подолго. Не игравме фудбал, не шутиравме фудбал во ѕид. Молчевме дури и кога игравме џамлии. Дури доцна попладне, кога квечерината ќе се прикрадеше преку небото, почнувавме да зборуваме погласно и послободно, иако и тогаш гласовите не ни одекнуваа како во другите денови.
Недела беше бавен ден. Ден за обнова. Ден кога во цел град на пладне сложно звечкаа лажици за супа, кога улиците беа пусти а возилата на градскиот сообраќај празни.
„Недела - ден без иднина“. Ден во кој се забораваше минатото и не се мислеше на иднината. Минатото беше забревтаната сабота која требаше што побрзо да се симне од ум а иднината доаѓаше со понеделникот, страшен ден кој претставуваше почеток на нова еднолична работна недела.
Неделата беше како рајска градина, ден меѓу стварноста и сништата. Ден во кој сè можеше да почне а ништо не мораше да се заврши. Чардак ни на небо ни на земја.
Меѓутоа, кога вчера излегов надвор, помислив дека е четврток или петок, или кој било ден. Само не недела. Сите продавници беа отворени: пиљари, дуќанчиња, дури и аптеки. Единствено банката не работеше. Меѓутоа, тоа и не го очекувам од банка, бидејќи банките секаде работат помалку од другите. Ако и банките почнат да работат в недела, ќе биде тоа знак дека наскоро доаѓа пропаст на светот (Нек' пропадне, не е штета).
После почнав да ја барам неделата. Загледував во разни згради, прошетав покрај река, прашував луѓе кои чекаа на автобуска, дечки и девојки со слушалки на ушите, но никој не знаеше да ми одговори. Слегнуваа со рамења и ме гледаа со погледи кои покажуваа дека не разбираат што ги прашувам, како недела да е заборавен и мртов јазик, разбирлив само за некои лингвисти и археолози.
Убава беше некогаш неделата. Наутро подолго се спиеше, подоцна се појадуваше и секој смееше да одолговлекува колку што сака.
Во недела се одеше на фудбалски натпревари. На прошетки крај реката а потоа, пред крај на денот, се нарачуваа палачинки со чоколадо и ореви. Ноќта почнуваше да се влечка преку небото но на тоа никој не обрнуваше внимание бидејќи знаевме дека недела е поинаков ден од сите други и дека всушност, никогаш не завршува.
А потоа нешто се случи и неделата исчезна. Што и да правиме, колку и да се трудиме, не успеваме да ја најдеме. Се сокрила некаде, навредена и заплашена од можноста некој да ја натера да го смени името. Ако името на неделата потекнува од зборот „не дела“ а сите тој ден се однесуваат како да е кој било друг ден и не престануваат со своите дела, тогаш неделата не е недела и со право има побегнато. Отишла некаде каде сè уште се почитува едноставниот наук: шест дена работи, седмиот одморај, читај книги, напиши песна, отиди во природа, биди нешто друго, нешто различно од она што се другите шест денови. Биди поинаков тој ден за да можеш другите денови да бидеш ист. Најди некоја бавна песна и слушај ја цел ден. Уживај во бавноста. Кажи: „ Спор сум, признавам, ама кога би бил побрз, не би знаел дека постојам“.
Да, крајно време е да ја вратиме неделата. Ако тоа брзо не го направиме, никогаш веќе нема да ја видиме. А живот без недела, односно, живот без одмор, веќе не е живот, туку тегобен рингишпил кој се запира само еднаш - тогаш кога е доцна за сè.
Давид Албахари
******
Бидејќи сега веќе е доцна (понеделник е), музички предлог за следниот пат: