Целата лекција ја има на Јутјуб и е врзана со канал на онаа официјална платформа Едуино.
Приказната е веројатно ок за првоодделенци, со троа банални стеротипи (небото е најсино, сонцето е насјветло, јагодите најслатки). Она што нас нè вџаши е со какво драматично крешендо и радост наставничката ја открива поентата/загатката на расказот, а тоа е името на нашата земја. Да, го кажува она криминално донесено име, со неуспешен референдум и носење пратеници од притвор. Слушнете сами како и колку пати тоа таа ќе го повтори:
Зошто бре така, наставничке? Ќе ви фалеше нешто ако кажевте Македонија? Ќе се збунеа децата па немаше да знаат за која Македонија им зборувате?
А ако веќе се инсистира на педантност и формално-правна коректност, тогаш да бидеме и ние педантни кон наставничката.
* Наставничке, во македонскиот јазик не постои зборот ЕДВАМ. Постои зборот „едвај“. Им предавате македонски, ви текнува?
* Наставничке, овде во Македонија не јадеме сарма, ајвар, ѓеврек и бурек САМО ЗА ПРАЗНИЦИТЕ, а во обични денови демек тискаме грав и спанаќ. Од каде ви е тоа?
* Наставничке, за јадењата во кои уживаме не се задолжени само мајките. Ги учите децата дека на мајките местото им е во кујната? Не може татко да засука ракави и да направи сарма? Нормално, ако е празник.
Толку ни е муабетот. Кој ќе се повикува на педантност околу името (особено оние на кои сме им ги довериле најмалите), со задоволство и ние ќе му тераме педантност.
Наставничката е Нела Слезенкова Никовска, од ОУУ „Свети Кирил и Методиј.“
Ете, драги читатели, успеавме да пишеме статија за Северна а ниеднаш да не опцуеме. Право да ви кажеме, едвам.