Стандард на домаќинствата во ЕУ:

Романците се богатат, Грците во минус

Животниот стандард во Европската Унија во изминатите две децении се зголемил за 22% и покрај силните економски шокови од глобалната финансиска криза и пандемијата. Но, далеку од рамномерно. Источните земји забрзано се приближуваат до западниот стандард. Приходите на Романците им се зголемиле за 134%, а на Италијанците и Грците им се намалиле.

Просечниот приходот по глава на жител во ЕУ е во постојан раст од 2004 до 2024 година, со исклучок на периодите на глобалната финансиска криза и на пандемијата, покажуваат новите податоци од Евростат.

Во периодот од 2008 до 2011 година приходите стагнирале, а во следните две години дури и се намалиле. Континуираниот раст потоа продолжил речиси цела деценија, сè до пандемијата на ковид, која во 2020 година катастрофално се одрази врз економиите. Во 2021 година имало закрепнување, па бавен раст, кој лани се забрзал.

За просечниот раст од 22% најзаслужни се земјите од поранешниот источен блок. Приходите на Романците, на пример, лани биле за 134% повисоки во споредба со 2004 година. Речиси двојно повисоки биле приходите на домаќинствата во Литванија (95%) и на Полска (91%). 

Овие бројки се одраз на забрзан процес на економска конвергенција во земјите од Централна и Источна Европа. Користејќи ги странските инвестиции, апсорпцијата на европските фондови и робусниот економски раст, овие земји успеале да намалат значителен дел од јазот со западните земји.

Грција (-5%) и Италија (-4%) се единствените земји во ЕУ во кои домаќинствата реално заработуваат помалку отколку пред 20 години. Куповната моќ на граѓаните била еродирана од должничките кризи на овие земји, долгата економска стагнација и разни структурни проблеми.

Умерениот напредок во некои од најбогатите и најстабилни европски економии не се толкува како последица на економски проблеми, туку како зрелост на пазарите. Тие во 2004 година веќе почнале со високо ниво на приходи, па потенцијалот за забрзан раст бил природно помал.

26 ноември 2025 - 12:16