Не е ли чудно кога талибанците го фалат ББЦ?

Британскиот јавен бродкастер ББЦ со гордост тврди дека е единствениот меѓународен медиум што сè уште зрачи програма во Авганистан. Цената за ексклузивноста е висока - промена на уредувачката политика и арач за поранешен водач на џихадисти што се поврзуваат со киднапирање Британци и самоубиствени бомбашки напади.

Фото: ЕПА

Талибанците се синоним за верски фундаментализам, што е кристално јасно откако милитантите во август 2021 година се вратија во Кабул. Покрај јавните егзекуции и родовиот апартхејд, нагазија и против слободата на говорот. Откако талибанците се вратија на власт, се цензурираат медиуми и се гаснат сигналите на радио станиците. 

А еден странски медиум сепак издржа: Би-би-си.

Уште во декември 2022 година исламистичките власти со декрет ги затворија локалните станици Гласот на Америка и Радио Слободна Европа, ривалите на ББЦ. Портпаролот на талибанците објасни дека станиците се замолкнати зашто емитувале еднострана програма, што е спротивно на новинарските принципи.

Истовремено, милитантите се задоволни од професионалноста на британскиот сервис, кој објавува програма од Авганистан на локалните јазици и има вебсајт за вести прилагоден на опкружувањето.

Додека Корпорацијата јасно ужива во својата ексклузивна улога, дали навистина ја задржа својата уредувачката независност? Како што откривме, пари од ББЦ често ја полнат касата на талибанците, испорачани преку организации на екстремисти од срцето на владата. Уште позагрижувачко е што овие односи го обликуваат известувањето од Авганистан, пишува порталот Unherd.

Не може да е коинциденција тоа што само две недели пред декретот за забрана на конкурентите, Џеки Мартенс, шефот на регионалниот сервис на ББЦ за Јужна Азија, се сретнал со Сираџудин Хакани, втор човек меѓу талибанците и министер за внатрешни работи на Авганистан, озлогласен џихадист гонет од двете страни на Атлантикот.

По средбата Министерството соопштило дека ББЦ како „важен медиум на меѓународно ниво“ може да смета на соработка со талибанците. ББЦ бил „неутрален“, а другите „непријателски“ известувале за внатрешните прашања во Авганистан.

Една од причините за ентузијазмот е финансиска. ББЦ одбива да каже колку точни им плаќа на талибанците, но испраќа значителни суми на Радио-телевизија Авганистан (РТА), главната пропагандна мрежа во земјата, за разни намени, како користење репетитори, за енергетската мрежа и за одржување, но и за „обезбедување“. Извори во филијалата на ББЦ објаснуваат дека безбедноста ја гарантираат талибански борци и министерот Хакими.

Медија екшн, добродетелското крило на ББЦ, потпишало „меморандум за разбирање“ со РТА за „проекти за здравствено образование“ во вкупна сума од 1,9 милион долари. Медија екшн ги платила таксите и ги покрива персоналните даноци за платите на вработените. За тоа добивала финансиска поддршка и од веќе укинатата американска програма УСАИД, која била еден од главните извори на пари преку шема за обука на авганистански новинари.

За да добијат дозвола за оперирање, странските организации во Авганистан, па меѓу нив и ББЦ, мораат да им платат на властите и до 60 отсто од буџетите за своите проекти. 

Проблемот со ББЦ не е само колку, туку и кому му плаќа.

Сираџудин Хакани, освен што е министер и соговорник на регионалниот шеф на ББЦ, е и поранешен лидер на озлогласената Мрежа Хакани, која ја сметаат одговорна за киднапирање британски државјани и самоубиствени бомбашки напади. Хакани е на британската црна листа, што значи дека се незаконски какви било финансиски дилови со него. На листата е и Кари Мохамад Јусеф Ахмади, директорот на Радио-телевизија Авганистан, поради глорификација на напади врз западните трупи, меѓу другото.

ББЦ тврди дека соработката со Хакани и со Ахмади не е прекршување на британските закони, но експерти во Лондон имаат и поинакви толкувања. 

Високата цена што ББЦ ја плаќа за привилегијата да остане во Авганистан не се мери само во фунти. Радијата не емитуваат западна музика, дури ни локални песни што биле хитови пред да се вгнездат талибанците во владата.

На сајтот нема вести со критики за талибанците, какви што ББЦ објавува на другите сервиси. Уредниците решиле во Авганистан воопшто да не го објавуваат прилогот за последните училишта за девојчиња, зашто го оцениле дека е „премногу чувствителен“. Од редакцијата полека се исфрлени жените, не само како водителки. 

Најсликовит опис колку ниско се спуштил ББЦ за ексклузивната позиција во Авганистан даваат пофалбите што ги добива од талибанците: „ББЦ е кредибилен извор на вести за Авганистан. Соработува конструктивно со Исламскиот Емират“.

26 февруари 2025 - 13:05