Како Епстин го урна имиџот на Бил Гејтс

Армија стилисти, аналитичари и пи-ар експерти со години се грижат за беспрекорниот имиџ на Бил Гејтс и помогнаа да биде прогласен за најпочитуван човек на светот. Гласините за врските со Џефри Епстин ги оправдувале со „филантропија“. Отворањето на досието Епстин ги уништи сите напори да се спаси имиџот на милијардерот. Сега повеќе не го канат ни на настани на Микрософт.

Стилисти од пи-ар службата на на Бил Гејтс чуваат цели плакари со џемпери во неутрална боја со V-изрез, кошули, панталони и очила „Carbon“. Врз основа на јавните ангажмани на кои треба да се појави, до вишиот персонал испраќаат три стилски опции за да се одбере идеалната комбинација која би му го потврдила имиџот на смирен и пристапен човек, велат поранешни и сегашни вработени.

Таквото внимание на деталите помогна да се разубави профилот на Гејтс како „паметен милијардер кој успешно го замени своето монополско минато во Microsoft со аурата на глобален филантроп“. Фондација Гејтс, која со 89 милијарди долари е една од најголемите во светот, донира во глобални напори против смртност кај децата и заразни болести.

Кампањата придонесе Гејтс во 2019 година да биде на врвот на списокот јавни личности на кои луѓето се угледуваат - пред Далај Лама и папата Франциск. Во исто време се криеле и неговите блиски односи со контроверзниот инвеститор Џефри Епстин.

Во летото 2019 година, кога Епстин беше приведен поради сексуални престапи и потоа почина во затвор, Нетфликс објави документарец „Во мозокот на Бил“, во кој понуди блескав, интимен поглед за филантропскиот период на Гејтс.

Кога во 2023 година беше откриено дека Гејтс имал афера со Русинка со која играл бриџ, Нетфликс подготви мини-серија: „Што е следното? Иднината со Бил Гејтс“. Тој е прикажан како „технолошки визионер и глобален филантроп за здравје и клима“. Проектот им бил претставен на вработените како „независен документарец“, но внатрешни записи откриваат вмешаност на пропагандната машина на милијардерот.

Гејтс и неговиот најблизок соработник Лери Коен всушност лично ги анализирале сите сцени од петте епизоди и давале забелешки како: „Ве молиме повторно да го промените киселиот изглед што Бил го има на лицето на крајот од кадарот“ или „Некои од луѓето во оваа епизода мора целосно да бидат исфрлени.“

Внимателно градениот имиџ се разби за само неколку дена, откако беа објавени документите од досието Епстин. Гејтс се сретнал со Епстин многу пати и разменил над 1.000 пораки наспроти загриженоста од неговата тогашна сопруга. 

Набрзо по отворањето на досието, милијардерот беше принуден пред сите вработени во фондацијата да признае дека имал две афери со Русинки од кругот околу Епстин. Во постапката за развод се соочи со обвинувања за повеќе од 20 вонбрачни афери. Во е-пораките се тврди дека се заразил со сексуално пренослива болест и прашувал кои антибиотици тајно да ѝ ги даде на сопругата.

Нарушувањето на угледот не може да го спасат ни експертите што со години се грижат за имиџот на милијардерот. Има два посебни тима за анкети - во Фондацијата и во неговата приватна канцеларија Gates Ventures. Првата открила дека по отворањето на досието Епстин во февруари имало зголемување од повеќе од 40% на „критичките вести“ за Гејтс. Тоа негативно се одрази на инвестициите во Фондацијата и другите компании. Коосновачот на Микрософт неодамна не беше поканет на годишниот самит на компанијата.

Откако комисија на Претставничкиот дом што го истражува случајот Епстин во март го повика Гејтс да сведочи, компанијата за нуклеарна енергија Терапауер на Гејтс веднаш се обидела да ја контролира штетата. Директорот Крис Левеск ги предупредил вработените дека сведочењето не ја загрозува компанијата, иако „руската нуклеарна физичарка“ со која Гејтс имал афера била вработена во Терапауер.

Гејтс ја изгуби поддршката и од својот долгогодишен пријател и деловен соработник Ворен Бафет. Легендарниот инвеститор изјави дека по неговата смрт нема да остави пари за Фондацијата Гејтс. Во интервју во март Бафет истакна дека не разговарал со Гејтс откако било објавено досието Епстин. Чекал да види како ќе се развива ситуацијата. Конечната одлука за годишна одлука за донации ќе ја донесе кон крајот на јуни.

Бил Гејтс треба да сведочи пред Конгресот на 10 јуни.

3 јуни 2026 - 16:59