Иницијативата за одредување „фукушуто“ (заменик-престолнина) е предводена од партијата „Јапонски иновации“, која има големо влијание врз Осака, третиот најголем град во Јапонија според бројот на жители. Владејачката Либерално-демократска партија ѝ изрази поддршка на иницијативата согласно договорот за коалиција.
Премиерката Санае Такаичи сега објави листа на критериуми за градовите што аплицираат за резервна престолнина.
Градот мора да се наоѓа во префектура која опфаќа најмалку 1,2% од вкупното население на Јапонија и да придонесува со најмалку 2,1% во бруто-домашниот производ. Мора да биде доволно оддалечен од Токио, како гаранција дека нема да биде погоден од истата потенцијална катастрофа. Мора да располага со капацитети за сместување на најмалку една половина од теренските канцеларии на централната власт во 28 сектори.
Во игра се четири потенцијални кандидати.
Условот за оддалеченост од Токио го елиминира Јокохама, иако е втор по големина град во Јапонија, бидејќи е на само околу 30 минути возење јужно од главниот град.
Осака, од каде што потекна иницијативата, добива конкуренција. Критериумите поставени од владата ги исполнуваат и градовите Нагоја, Фукуока и Сапоро на северниот остров Хокаидо.
Повеќе од 40.000 државни службеници работат во токискиот кварт Касумигасеки, каде што се наоѓаат најголемиот дел од владините објекти во градот. Иако иницијативата не предвидува да се дуплира секоја канцеларија и секое работно место, резервниот главен град потенцијално ќе се соочи и со голем финансиски поттик и со значително зголемување на јавните давачки во период на повисоки трошоци за живот за граѓаните, стагнирање на платите и проблеми со криминалот.
Низ историјата, Јапонија имала неколку главни градови. Царската палата била во Кјото, а пред тоа во Нара. Во период од околу 150 години Камакура функционирала како де факто главен град, како седиште на моќта на тогашниот шогунат. Во 1868 година, главниот град бил преместен во Едо и градот бил преименуван во Токио, што буквално значи „источна престолнина“. Токио не е во опасност да го изгуби тој статус.
Владата постави рок од една година да изготви детални политики за функционирањето на „замената за главниот град“, кој ќе биде избран најдоцна до октомври.