Меѓутоа и покрај овие технички совети за преживување во светот кој нè чека вон зоната на родителската надлежност, растејќи собравме и некои неточни, изветвени фрази кои како бубашваби се провлекуваат низ сите овие епохи.
Кога во пубертетот ќе тргне да ти се случува живот ќе сфатиш дека од промаја сигурно нема да наебеш, но од луѓе и тоа како има да наебеш. Од фолдерот на присобрани податоци за време на растењето ја вадиш брошурата за случај на нужда и почнуваш да читаш фрази како: "Пази се од непознати" - а познати те повредуваат... "Кој знае зошто е тоа добро" - а тебе никогаш полошо... "Трпение - спасение" - а ти гледаш дека чамците за спасување прво ги носат оние кои најгласно кукаат... и се запрашуваш, а што ако во овој опак свет најисправната одлука е да ги сфатиш тие совети баш така - наопаку?
Училиштето со систем на казни и награди, а родителите со помош на воспитен стап и морков нè учат дека мораме да бидеме подобри од сите. И тогаш сфаќаш дека тоа се некои залудни натпревари и безвезни ранг листи затоа што победите од тој вид не се бележат во ниту една животна табела. Старееш и сфаќаш дека никој не те учел како да бидеш најдобрата верзија на самиот себе, без споредување со другите. Тоа го превиделе во својата добронамерност и ја оставиле таа битка на сознанието да ја водиш сам. Сфаќаш дека си учен да бидеш добар но најмногу за другите, а најмалку за себе.
На тие висински подготовки на младинците за претстојната сезона и преминување од кадети во сениорска лига нè учат дека мораме да сме подготвени за сè. Ти навежбан, со полна сила желен за живот и на сè подготвен - а животот почнува да ти дава ништо. Сфаќаш дека никој не те научил да преживееш кога наместо сè, почнува да ти се случува едно големо ништо. За тоа немаме обука, не сме имале скрипти, не одевме на симулациони тестови. Тогаш трга да се случува живот во својот полн сјај и да го демантира целото твое однапред стекнато знаење, а тренира истрајност и изискува верба.
Кога плачевме обично нè смируваа учејќи не дека тогаш мораме да бидеме храбри. Демек храбрите не плачат. "Стани и бори се, не попуштај". А потоа слушаш друг екстрем дека "кога некој ќе те повреди сврти го и другиот образ". Се замислуваш... ебате, овие те работат во глава, те тераат во шизофренија. Ништо не разбираш. А всушност никој не ти објаснил дека и храбрите плачат, и дека и вториот образ умеат да го подадат само оние што знаат дека тоа можат да го поднесат стоејќи на нозе. А за тоа треба многу љубов. Не луда храброст, а уште помалку мазохизам.
Воден од здраворазумска логика и учен од примерите на предатор и плен, така живееш во погрешно уверување дека во животните битки најбрзо се ранети оние што се најслаби. Кога реката на животот ќе те излупа од своите корита сфаќаш дека во разумот, логиката и силата нема никакви одговори. Сфаќаш дека најхрабри се само оние кои се осудуваат да ја покажат сопствената ранливост. Дека само од нејзе може да излезе човечност, хуманост, сочувство, љубов, креативност, верност... И дека нашето панично криење на сопствената ранливост всушност е најголемата човечка слабост.
Сè ќе дојде на право место кога ќе завршиш училиште, ќе отслужиш војска, ќе се вработиш, ќе се ожениш... Обично тоа ти го зборат, баш така и баш со тој редослед. Никој не ти зборува дека може и поинаку и дека работите доаѓаат на право место само тогаш кога сè внатре во тебе е на право место. А не надвор. За време на составувањето на таа сложувалка во тебе, нема ни родители ни воспитувачи, ни професори, ни тренери. На таа авантура на пакување на самиот себе во осмислена целина, на среќните понекогаш ќе им се придружи и некој Ангел, кого, ние смртниците со ограничен речник, го нарекуваме со зборот - пријател.
И на крајот сфаќаш дека единствен точен одговор од детството кој си можел да го чуеш од постарите е "Кога ќе пораснеш само ќе ти се каже" и обично си го добивал на прашања за тоа како се прават деца, како дојдов јас на светот и за што служи кондом. Сфаќаш дека се што денеска вистински знаеш стварно само ти се кажало. Други можат да те научат јазици, но само ти одлучуваш што ќе зборуваш со нив, други може да те научат да користиш компас, но само ти одлучуваш по кој пат ќе одиш, други може да те учат како се преживува, но само ти одлучуваш како ќе живееш. Сфаќаш дека човек не го учат на најважните лекции, туку дека тој ги учи сам.