Во октомври се одбележува годишнина од смртта на сјајниот српски и југословенски актер Павле Вујисиќ кој почина пред 28 години.
Освен како фасцинантно природен и уверлив актер, Вујисиќ се памти и по својата своеглавост, самотија и упорното работење на тоа да биде оставен на раат и заборавен. Неговата сопруга сведочи дека бил и ретко талентиран поет но секогаш го кинел она што ќе го напишел, па таа понекогаш од канта ги собирала скинатите хартии и ги составувала.
„Сакам да умрам. Боже, кој си семожен, направи го тоа и не се секирај, ќе платам. Знам, и ти си корумпиран....“ стои запишано во една од зачуваните белешки.
Беше поет затворен во тело на глумец, заробен во општество и систем кои не ги поднесуваше, поробен во професија која ја презираше, вели еден опис на овој неповторлив лик.
Сепак, никој не може подобро да го опише тој човек од неговиот тестамент кој го имаме објавено на сајтов а во кој, меѓудругото, стои и ова:
„уште да ве замолам никој никаков говор ниту збор да не проговори, оти во гроб ќе се превртам, и не само што ќе се превртам, туку и ќе станам од гроб за да малтретирам, и на него и на сите, колку и да ги има, да им ебам матер“.
Во врска со процедурите, Вујисиќ барал и информацијата за неговата смрт да биде објавена три дена после погребот (така направија и со Леонард Коен) за неговото заминување да биде нечујно, да не биде вест.
Неговата сопруга сепак призна дека и покрај изричното барање да нема говоранции, таа му дозволила на попот да проговори на гробот, не кажувајќи му за кого се работи. Само му рекла дека покојникот се вика Павле. И овој одржал говор.
Зошто го направила тоа и ја прекршила желбата на својот сопруг? Мирјана вика, за да не мисли Павле дека само тој бил инает во нивна фамилија.
*****
Легендарната „Други јебу а ти се Музафере купај“ сцена од филмот “Татко на службен пат“