
Значи вака завршува таканаречениот либерален меѓународен поредок. Не со тресок, туку со Трамп.
Така барем западните, а особено европските елити го доживуваат распаѓањето на западната алијанса и гниењето на разни меѓународни конвенции - како ракотворба на главниот уништувач и неговата банда вандали. Во новите царински трговски војни на САД со сојузниците и, во напуштањето на Украина и на европските сојузници од НАТО, тие гледаат американска администрација решена да го уништи „светскиот поредок заснован на правила“ и да го замени со „поредокот на силата“, како што вели еден либерален експерт. Администрацијата на Трамп, тврди друг, не е „вовед во храбриот нов свет“ колку што е „враќање на опасниот“, во кој доминираат ривалствата на велесилите.
Но, грешат тие што го обвинуваат Трамп – погрешно е да се смета дека само една администрација е одговорна за распаѓањето на светскиот поредок во кој доминираат САД. Трамп не е причината за распаѓањето.
Ова е систем на глобална моќ, светски поредок што долго време беше згмечен под тежината на сопствените противречности. „Поредок заснован на правила“, кои доминантните сили долго време имаа слобода да ги прекршуваат. Поредок наводно заснован врз принципот на национален суверенитет во кој суверенитетот е поткопан во име на „хуманитарна“ интервенција. Поредок кој реторички ја цени демократијата додека ги зајакнува неодговорните, транснационални технократски политички елити. И на крајот поредок што беше формиран за геополитичка реалност што одамна престана да постои.
Денешниот светски поредок се роди пред повеќе од 80 години, во сенката на Втората светска војна. Неговите почетоци може да се видат во Атлантската повелба од 1941 година, кога британскиот премиер Винстон Черчил и американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт ја поставија заедничката визија за поствоена иднина, промовирајќи го територијалниот интегритет, националната самоуправа, демократијата и слободната трговија.
Од самиот почеток, поствоениот светски поредок требаше да биде израз на доминантната, глобална позиција на Америка и да се одржува со нејзината моќ. Како што еднаш рекол историчарот Адам Туз: „Америка е гравитационата сила што ја организира глобалната моќ во 20 век“.
Институциите воспоставени во втората половина од 1940-тите ја рефлектираа таа американска гравитација. Во Бретон Вудс во 1944 година се родија Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, а доларот беше инсталиран како резервна валута на меѓународниот монетарен систем.
Сепак, додека американските претседатели Рузвелт, а потоа и Труман почнаа да го обликуваат повоениот свет според ликот на Америка, тие набрзо наидоа на отпор од Советскиот Сојуз, особено во Источна Европа. Студената војна во 1947 година даде нова противничка динамика на обидот на Америка да го создаде повоениот поредок. Таа ѝ даде цел, идеолошка дефиниција на американската моќ и нејзината визија за глобален капитализам. Америка можеше да се дефинира себеси против Советите, претставувајќи се како глобален бранител на слободата и демократијата против Црвената закана.
Моќта на Америка од Студената војна се проектираше пред сè во Европа. Вашингтон ги претвори уништените индустриски региони во просперитетни кули на слободниот свет и бедеми против комунизмот. Во нив беа испумпани околу 13 милијарди фунти како дел од Маршаловиот план кон крајот на 1940-тите. Покрај економската помош, САД обезбедија и воени мускули. Ова во 1949 година резултираше со формирање на НАТО и постојано воено присуство на САД во Западна Европа. Целта на НАТО, според неславните зборови на првиот генерален секретар, беше да ги задржи Американците внатре, Германците долу и Советите надвор. Во 1951 година, под будното око на Вашингтон, западноевропските сојузници ја формираа Европската заедница за јаглен и челик - институција која на крајот се претвори во Европската Унија.
Светската банка, ОН, НАТО и европските спогодби беа економските, политичките и воените тули на поствоениот поредок, искован во интерес на САД и нивниот западен сојуз и обликуван за потребите на Студената војна. Тензиите помеѓу конкретните интереси на САД и нивните наводни сојузници навистина предизвикаа кавги, особено во раните 1970-ти, кога економиите на Јапонија и на Западна Германија почнаа брзо да ја надминуваат онаа на Америка. Но, генерално, американскиот повоен поредок остана цврст.
Во 1989 година падна Берлинскиот ѕид, а во 1991 година Советскиот Сојуз се распадна. Се распаднаа и институциите од времето на Студената војна, како Варшавскиот пакт, што ѝ даваа форма на советската моќ. Америка беше полна со енергија. Иако веќе го немаше Советскиот Сојуз како противник, сепак имаше огромна економска и воена моќ и воено присуство во над 100 земји ширум светот. Имаше уште безброј нации за вклучување во поствоениот поредок. Шанса да се доведе историјата до крај.
Ова беше моментот на таканаречената глобализација. Моментот кога американскиот повоен поредок беше пренаменет за постидеолошка ера – „либерален меѓународен поредок“.
Проектот за глобализација беше дефиниран со „хуманитаризмот“. Во наводници бидејќи хуманитарноста даде оправдување за безброј воени интервенции извршени од обновениот НАТО - од бомбардирањето на Босна, преку војната во Косово до инвазиите и окупациите на Авганистан и Ирак. Јасните прекршувања и потиснувања на националниот суверенитет ги еродираа клучните принципи на поствоениот поредок – територијалниот интегритет и правото на народот на самоопределување.
Проектот всушност, беше темелно технократски: обид да се вплеткаат државите во транснационален систем на правила и прописи, а сето тоа под покровителство на Америка. Ова доведе до формирање на Светската трговска организација, институција со задача да го регулира капиталистичкиот свет. Америка повеќе не се претставуваше како лидер на слободниот свет, туку како регулатор на правилата во светот.
Но, проблемите одат подлабоко. Институциите на управување на светскиот поредок, од ОН до ЕУ до СТО, беа дизајнирани да ја изолираат глобалната економија од националните држави и, пред сè, од нивните електорати. Помислете, на пример, на начинот на кој Грција погодена од кризата беше казнета од ЕУ и ММФ во име на буџетските правила.
Во 2016 година народот се побуни. Гласачите на претседателските избори во САД и на референдумот за ЕУ во Британија не го отфрлија само естаблишментот, туку и целиот глобалистички консензус кој им беше од корист на државните и корпоративните елити, а истовремено ја негираше демократската моќ.
Популистичките бунтови низ Европа покажуваат дека либералниот меѓународен поредок предводен од САД ефективно си ископал свој гроб. Неговиот лицемерен милитаризам го поткопа националниот суверенитет. Безумниот експанзионизам на НАТО ја антагонизира Русија и ѝ даде изговор брутално да ја нападне Украина. Обидот да се апсорбираат нациите во поредок заснован на правила, во супермоќни глобалистички институции како што е ЕУ, поттикна народен и популистички отпор ширум Западот.
Се разбира, омаловажувачкиот став на Трамп кон Украина и нејзината борба за независност покажува ужасен недостаток на грижа за националниот суверенитет надвор од сопствените граници на САД. Но, неговиот и подемот на другите популистички фигури - секако ја одразува желбата да се потврди суверенитетот меѓу обичните луѓе, против либералниот светски поредок дизајниран да ги ограничи тешко стекнатите демократски права.
Тим Блек, колумнист во „Spiked“