Кинезите цела армија можат да ја плаќаат од тутунот

Кина е надвор од сите трендови на западните земји во кои бројот на пушачи постојано се намалува. Младите Кинези пушат нешто помалку но затоа останатите чурат повеќе па ги држат приходите огромни и клучни за економските и други политики на Пекинг. Кинезите пушат речиси колку сите други луѓе на светот заедно.

Во средината на 60-тите години, повеќе од 42% од сите возрасни лица во САД биле пушачи. Денес, процентот е помал од 10% и сè уште опаѓа. Претежно се работи за постари граѓани кои пушат со децении бидејќи кај оние од 18 до 24 години, само 3,4% пушат цигари (некои вејпаат или користат канабис).

Кина не е дел од овој тренд. Кинеската национална тутунска корпорација генерирала приближно 244 милијарди долари во 2025 година. Тоа не се бруто приходи; тоа се профит и даночни приходи што течат директно во федералната каса. Оваа бројка е еднаква на 7% од вкупните владини приходи и е речиси еднаква на бројката која Кина ја троши за целиот свој национален буџет за одбрана.

Со други зборови, со тутунот се плаќа целата армија на нацијата од 1,4 милијарди души.

Па колку се тоа цигари? Многу.

Вкупно 2,4 трилиони цигари се продаваат во Кина секоја година и тоа е приближно половина од вкупниот глобален износ. 

Не се интересни само статичните бројки: вкупната потрошувачка на цигари во Кина се има зголемено за 39% во периодот помеѓу 2003 и 2023 година, додека во остатокот на светот, во истиот период  потрошувачката на цигари се намалила за 26%.

Кај младите Кинези, процентот на пушачи е нешто намален но затоа постариве тегнат повеќе и ја пополнуваат дупката. 

Кинеската тутунска индустрија насочува средства во критични делови од кинеската инфраструктура, усогласувајќи ги своите придонеси со приоритетите на Си Џинпинг. Го поткрепува државниот банкарски систем и инвестира многу во националниот инвестициски фонд за полупроводници што ја напојува индустријата за вештачка интелигенција. 

На пример, Кунминг, главниот град на покраината Јунан, има половина од целиот градски буџет обезбеден од даноци на тутун. Кога тутунот е толку критично важен за функционирањето и финансирањето на секојдневниот живот, кој очекува тој град да донесе строги  уредби поврзани со пушењето?

Самиот Си Џинпинг своевремено бил пушач но се има откажано. Од цигарите, но не и од приходите.

30 мај 2026 - 12:21