Зборувај ни за нас, плава Циганко

Иако дел од запамтеното нам може да ни изгледа банално, а дел прилично чудно (секаде се пуши?), супер е да се читне како изгледаме некому кој не е оптоварен со милион детали кои ние си ги знаеме за нас. Една блогерка, после шпартањето низ Македонија, одвоила 15 работи кои странец треба да ги знае за оваа земја, природа, луѓе и останато.

Blonde Gipsy:

И кога бев сама, навистина уживав и се чувствував пријатно секаде каде што одев. Македонија ми се виде како најподготвена за меѓународни туристи, споредено со другите две земји кои ги посетив (Косово и Албанија), иако е само прашање на време пред сите три да бидат целосно подготвени и да почнат да бидат бомбардирани и од туристи кои патуваат со мал буџет и од џет-сетери. Има толку многу работи да се видат!

Јас си поминав убаво иако не знаев ништо за ниту една од овие земји, и иако е ова тотално во ред, сепак составив список од 15 работи кои мислам дека треба да ги знаете пред да појдете во случај да сте љубопитни - почнувајќи со Македонија.

1. Името на земјата и некои од нејзините национални херои се предмет на дебата

Всушност, јас веројатно веќе имам некого навредено со насловот на овој пост. Видете, има некои луѓе (главно Грци, иако има и други), кои бараат земјата да се ословува со Поранешна Југословенска Република Македонија, а не Македонија. За нив, Македонија е древен регион во рамки на Грција, и ако Македонија се нарекува така тоа значи дека има територијални претензии. Двете земји исто така имаат дискусии околу националните херои, особено Александар Македонски. Прочитајте нешто околу тоа ако сакате, јас нема да се обидувам да дадам неутрално мислење, иако тоа е дефинитивно нешто околу кое треба да сте свесни.

2. Скопје во моментов минува низ многу скапо и многу контроверзно преуредување

Доколку пристигнете во Скопје пред 2014, очекувајте доста градежни работи, со оглед на тоа што градот во моментов минува низ масивна трансформација, благодарејќи на проектот наречен „Скопје 2014". Проектот започна во 2010 од страна на македонската влада, во обид главниот град да се направи визуелно попривлечен иако голем број критичари го оценуваат само како скап и лекомислен приказ на национализмот - особено насочен кон Грција и етничките Албанци во Македонија.

Од аспект на турист, а настрана од политиката, морам да кажам дека малку ја претеруваат. Со оглед на тоа што 1/3 од земјата се уште живее под линијата на сиромаштијата, човек не може да биде зачуден па дури и вознемирен од огромното количество нови статуи и споменици кои веќе се издигнати или се издигнуваат каде и да се свртите.

Споредбата со Лас Вегас е прецизна, и мојот единствен страв е дека овој луд проект ќе ја засени инхерентната привлечност на ова место. Тешко е да се порекне дека ова е чудна ситуација, но генерално тоа не би требало да го одврати вниманието од она што тука е важно, а тоа е дека Скопје е кул град кој вреди да се посети, и е полн со кул луѓе. Само ќе треба да го издржите владиниот (се надевам) привремен хаос.

3. Скопје има најголема чаршија на Балканот по Истанбул

Ова е често споменуван факт иако да ви кажам право тоа не ми беше толку очигледно. Кога помислувам на Истанбулската чаршија, мислам на покриената и огромна чаршија на која Старата скопска воопшто не личи. Како и да е, не очекував да почувствувам толку силно отоманско влијание во центарот на Скопје. Дефинитивно ова е мојот омилен дел од градот, без оглед колку збунето изгледам на оваа фотка.

4. Една од најголемите амбасади на САД во Македонија

Амбасадата на САД во Скопје е далеку најголемата на Балканот, најголема во Европа, и дефинитивно една од најголемите во светот. Тоа е сериозно застрашувачки. Не знам дали ова е точна бројка, но слушнав дека е нешто околку 13,000 квадратни метри. Не можете да ја промашите.

5. Најголемата ромска заедница во Европа е непосредно вон Скопје

Шуто Оризари, или Шутка, е општина само 5 км од центарот на Скопје, и е дом на околу 20,000-50,000 Роми во зависност од тоа кого прашувате. Со градоначелник Ром (кој, патем, се вика Елвис) и ромскиот како официјален јазик, ќе си дозволам да кажам дека тоа е најголемата „официјална" ромска заедница во светот. Навистина е интересно тука да поминете неколку часа и сосема е безбедно за посета.

6. Битола е втор град по големина во Македонија и се развива

Битола, втор град по големина во Македонија, изгледа сосема испразнет од странски туристи иако веројатно изгледа најевропски во смисла на архитектура, и всушност има многу што да се види. Зборуваме за древни ископини, стара чаршија, полна пешачка улица, многу продавници, луд ноќен живот, и прекрасниот национален парк Пелистер во позадина. Дефинитивно вреди да се посети.

7. Охрид е мртвов зиме (но тоа е супер време да се биде таму)

Исто како и другите типични летувалишта, и Охрид станува град на духови во текот на студените месеци. Иако ми беше криво што не сум го видела местото кога е најживо, уживав во отсуството на огромен број туристи. ОСобено оние вечери кога се искачував до св. Јован Канео за да го гледам зајдисонцето. Не можам да замислам колку поинакво искуство би било доколу наоколу би имало уште 500 луѓе. Истото важи и за мојата посета на Св. Наум - уште еден манастир 30 км од градот кој топло ви препорачувам да го посетите.

8. Храната е супер а водата е чиста

Веројатно една од предностите на тоа да не сте член на ЕУ е што македонските фармери не мора да се придружуваат до често смешните стандарди. Тоа не значи дека стандардот на земјоделството или производството на храна тука е пониско, напротив, дури можеби е и повисоко. Не се шегувам кога велам дека ги јадев најдобрите салати во животот дур бев во Македонија. Водата е исто така чиста па слободно пијте ја директно од чешма.

9. Има прекрасно вино

Надвор од Македонија македонско вино се среќава ретко, но тоа не е затоа што тие не произведуваат вино кое вреди да се извезува. Не, не, не...Македонското вино е СУПЕР. Веројатно целото се троши пред и воопшто да има шанса да ја мине границата. Тиквеш е навистина добар бренд и го произведува едно од моите омилени розеа на светот. Можете да го најдете во повеќе продавници и нема да ве чини повеќе од 99 денари (1,5 евро) за литар. Да, бев во рајот.

10. Технички не можете да купите алкохол во продавница по 7 попладне или 9 ноќе зависно од сезоната

Алкохолот по 7 попладне зиме и9 навечер лете не може да се купи. Тоа е глупав закон не но е нечуен, особено онаму од каде што полу-доаѓам (здраво, Шведска). Тоа е исто така закон кој лесно може да се заобиколи бидејќи секој локалец би можел да ве упати во продавница каде можете да купите алкохол на црно по „полицискиот час" - оттаму „технички".

11. Ролерки, кучиња и оружје не се дозволени во клубови, но штикли се бараат

Ме изненади кога чув дека не можам да влегувам со ролерки или да внесам куче со мене кога одев по клубови. Сепак ме израдува што оружјето генерално е забрането. О, и штикли не дека мора да носите. Само ми беше кажано од еден македонски фраер дека тој не би погледнал два пати девојка која не ги носи, па дури и дека би ја нарекол „грда". Нешто за сите дами кои тргнуваат кон Македонија во потрага по привлечни локалци...

12. Луѓето пушат секаде

Луѓето пушат насекаде, и кога мислам насекаде, тоа значи насекаде. Многу места имаат означени пушачки маси (повеќето ресторани), но ефикасноста на тоа никогаш не ми стана јасна.
Добредојдовте на Балканот.

13. Неверојатно е евтино

Знаев дека во Македонија ќе биде евтино, но не очекував да биде до толку. Дури ми се виде малку поевтино и од Косово и Албанија. Можете да јадете супер за 5 евра или помалку, а за 10-15 можете да јадете и пиете како кралица. Транспортот е евтин а и сместувањето. Навистина супер место ако имате мал буџет.

14. Природните богатства се големи

Македонската природа е неверојатна. Неброени планини, 3 национални паркови, езера, реката Вардар, долини, пештери...навистина нема да ви недостигаат работи кои би можеле да ги правите ако сте љубител на активности во природа.

Сепак едно предупредување, ќе забележите доста ѓубре (главно покрај патиштата), кое за жал постојано се појавува низ целиот регион, и тоа не само во Македонија. Да се надеваме дека ситуацијата ќе се подобри - без оглед дали владата ќе направи поголем напор за да го исчисти или ќе ги казни соодветно оние кои загадуваат.

15. Луѓето се супер

Повеќето балкански земји се генерално топли, но има нешто во врска со Македонците кое навистина ми се допаѓа. Имаат добра смисла за хумор, и беа ептен гостопримливи каде и да одев. Дури и кога не можевме меѓусебно да се разбереме, јас и Македонците добро се сложувавме, што многу значи за еден патник.

 

 

21 јануари 2013 - 14:36