Кога ќе пораснам ќе бидам (Бака) Прасе

Oвој паралелен универзум, во кој бега голем дел од младината, заситена од „мрчењата“ и „смарањата“ од постарите, полека почнува да се трансформира од микро космос во огромна црна дупка, која неминовно ќе нè проголта сите нас од „меинстримот“. Знаете ли каков е статусот на Бака Прасе, кој со месеци го држи на Инстаграм?

Пишува: Ненад Живановски - Столиќ

Во времето кога неделникот НИН важеше за квалитетно и угледно списание, во секој негов број постоеше една мини колумна насловена „Збор на неделата“, која со години маестрално ја пишуваше Јован Ќирилов. Во кратките текстови, Ќирилов, секоја недела избираше по еден збор, кој во минатите седум дена најмногу му останал во сеќавање, односно најчесто бил присутен во јавниот говор.

Според структурата, колумната беше така конципирана да во нејзиниот воведен дел, семантиката на избраниот збор ја објаснуваше со користење на јазични лексикони и енциклопедии, додека остатокот од текстот беше негово авторско размислување за зборот, толкување и нарација, кои, кога ќе се земе во предвид ерудитството на Ќирилов, ја правеа колумната вистинско мало литерарно дело. Секоја негова колумна беше автентична и лесно запомнива, така што и после неколку месеци, кога би се сретнале со некој „збор на неделата“, неговото поимање неизбежно би ви се реферирало и на она што сте го прочитале во текстот на славниот театролог.

Коцка

Далеку од видокругот на широко етаблираниот јавен дискурс во Србија, поделен на ќаци и блокадери, во алтернативниот простор на дејствување, во таканаречената Јутјуб сфера, главен „збор на неделата“, кој е тоа со месеци, е зборот „коцка“.

Без претензија да наликувам на неповторливиот Ќирилов, но заради драматуршка функција на овој текст, ќе се обидам да појаснам што претставува зборот коцка. Зборот коцка е со хомономско значење. Примарното му е дека тој опишува геометриска фигура. Но, за постарата генерација, тој е и сентимент за детството кога „Коцка, коцка, коцкица“ беше една чедна, невина, едукативна серија, во која Бранко коцкица ни ги отвораше хоризонтите, нè забавуваше, беше најголемото дете меѓу нас децата, и на забавен начин низ игра и песна, преку лесно разбирливи дијалози со соговорниците, ни го откриваше светот околу нас - светот на возрасните. Преку извонредно споените три иманентни фактори за еден телевизиски формат да биде квалитетен - информативност, едукативност и забава, „Коцка, коцка, коцкица“ ја правеа гледана за деца од предшколска и школска возраст, преку нивните родители, до баби и дедовци. Буквално од 4 до 74 годишна возраст.

За денешните деца и млади, веројатно, на овој начин конципирана емисија не би била занимлива. Премногу би била статична, со спори кадри, досадни теми, долги говори, сé она што е иритирачко за нивниот АДХД, стекнат уште во првите години, додека младите мајки во раце им го тутнувале мобилниот, за на мир да го испијат кафето со другарките.

Вулгаризам

Сепак и таквата денешна Јутјуб генерација си има своја „Коцка, коцка, коцкица“ и свој Бранко коцкица, кој ги забавува, информира и едуцира. Бидејќи зборот на неделата „коцка“, како што рековме, е со хомономско значење, за нив тој не претставува ниту геометриско тело, ниту асоцијација за некоја детска серија, туку е синоним за нешто трето. А, тоа е – коцкањето (литературно: обложување). За оваа Јутјуб популација, нивниот денешен Бранко коцкица се нарекува Бака Прасе, кој секоја вечер преку своите лајв вклучувања ги забавува служејќи се со еден ужасно простачки и вулгарен вокабулар, во кој нема никакви лимити и етички ограничувања во подбивањето, понекогаш и со педофилски конотации, но и пцуење и навреди на нечии мајки, најчесто со проститутски алузии. Буквално, есенцијата на неговиот говор е вулгаризмот, кој ако се одземе од она што секоја вечер го изговорува јавно, тогаш тешко повеќе од 30 проценти од неговиот говор да му се јасно осмислени и логично артикулирани реченици со пристојно значење.

Сиот тој вулгаризам, кој во новоговорот на младите Јутјуб генерации е дефиниран како „фрлање фори„ и „фрлање рими“, е во функција на забавата која им ја овозможува на своите гледачи, а тоа е онлајн коцкање, за кое тврди дека со договорот кој го потпишал со некоја интернационална гемблинг компанија, му носи по 300.000 евра месечно. Да, добро прочитавте – 300.000 евра секој месец! Во тоа можете и самите да се уверите, ако неколку вечери последователно ја следите неговата лајв коцка, дека, барем во една вечер, ќе „набоде“ помеѓу 40.000 и 60.000 евра. Седум-осум слични вечери во месецот и ете ги тие магични 300.000 евра месечно, колку тврди дека заработувал. Дали, според договорот, целата сума му припаѓа нему или само дел од неа, не е ни важно – пораката до младата публика е испратена: ова ви е најлесниот начин како да дојдете до пари и да се збогатите. Бидејќи, како кажува, неговиот план е во наредните пет години да се збогати за најмалку 20 милиони евра. Секако не од мотање кабли.

И ТИ си Бака Прасе!

Како во Бранковата „Коцкица“, така и во Бакапрасечката „Коцка“, освен забава, исполнет е и вториот фактор – едукативниот, со тоа што тој ве учи како да се коцкате. При тоа, нема врска што Бака Прасе јавно признава и говори дека коцкањето е лошо, дека тоа може да ви го уништи животот, дека казиното никогаш не може да биде во загуба туку губитници се само оние кои коцкаат, кога публиката го доживува според она што го работи, а не зборува. А, сликата која им ја испраќа е како еден ден се коцка, а следниот се слика со куфер полн со евра. Со тоа, самиот себеси свесно се демантира дека од коцкањето не може да се заработи. Напротив, неговата директна визуелна порака е: коцкајте се, бидејќи јас сум ви реален пример дека преку коцката можете да постанете богати. И ти можеш да бидеш Бака Прасе, само заврти го слотов!!! – тоа е суптилната порака. Која млада и наивна душа, опседната со материјални добра, ќе одолее на овој заводлив луциферовски флерт?!

Не би било изненадување ако овој талент за манипулација Богдан Илиќ (Бака Прасе) не го наследил од неговиот татко, Ненад Илиќ, пензиониран свештеник на СПЦ, кој, како и голем број попови, веројатно, својата служба ја вршел според принципот „Не ме гледај што правам, слушај ме што говорам“. Да не функционирал на таков начин, односно и самиот да го применувал во семејството она што како пастир му го говорел на своето стадо на литургии и причести, сигурно дека и неговиот наследник денес би бил многу поблиску до Бога и својот живот би го организирал по правилата од Десетте божји заповести.

Информативниот карактер на Бакапрасечката „Коцкица“ ќе го забележите во тоа што тој континуирано секоја вечер ве информира дали имал секс со неговата девојка Милена, дали вршел нужда, дали изметот му бил тврд или имал дијареја, дали мастурбирал, што јадел, кога легнал, кога се разбудил, како спиел, што сонувал, а вклучениот микрофон директно ќе ви пренесува кога подждригнува и прди... Но, и до каде е со подготовките на турнирот во бокс на Јутјуб „ѕвездите“, и колкав би бил коефициентот во кладилниците. Значи, повторно во функција на коцката.

Глас на разум во лудилото

Во симболичка смисла, некој кој се обидува да го врати изворното значење на зборот коцка, како асоцијација на Бранковата, а не Бакапрасечката „Коцка“, е друг познат белградски јутјубер, со име Марио Вреќо. Марио е целосна спротивност на Бака Прасе, негов антипод, кој гради имиџ на интернет интелектуалец, глас на разумот во откривањето на глупостите, совест на нормалните и, разбирливо, е против коцкањето. Не само декларативно, туку од неодамна и преку отворена борба против Бака Прасе. Со еден збор, Марио Вреќо е Супер Марио.

Како што самиот кажува, сака да му се спротивстави на отвореното промовирање на кладењето, како преку реклами на кладилници така и на онлајн коцката. Од тие причини, неодамна решил да не емитува една епизода од неговиот популарен Јутјуб серијал „Момчадија“, бидејќи во него гостувал пеачот Реља (за нас постарите, единствено по што би ни го привлекол вниманието е дека е зет за Весна Змијанац), кој, во меѓувреме, се појавил и во еден од новогодишните влогмаси на Бака Праса. Како што Марио појаснува, ставот на екипата која ја уредува и снима „Момчадија“ бил  - оној кој се снима со Бака Прасе, кој е промотер на коцкањето, не може да биде дел и од нивното друштво во „Момчадија“.

Би рекле, исправен став, заснован на етички норми и во таа смисла Марио претставува вистинска морална вертикала за Бака Прасе. Меѓутоа, тука има една мала непријатност за Марио: и тој е бивш зависник од коцкањето, има „рани трудови“ како снима клипови додека игра на слот машини. Друг член на „монашката момчадија“ не се стега јавно да говори како „повлекол црта“, при тоа, секако не мислејќи на црта повлечена со пенкало на хартија.

Заводливата Јутјуб сцена

За да би имал што подобар увид во тоа што се случува на регионалната Јутјуб сцена, и самиот морав последниве два-три месеци да постанам дел од Јутјуб заедницата, како би се информирал од прва рака. Морам да признам, како времето одминуваше, така, на почетокот овој мазохистички потег, сè повеќе стануваше моја примамлива интернет дестинација, заменувајќи ми ги долгите, со интелектуално-академска содржина, подкасти, кои дотогаш ги следев на Јутјуб.

Пред мене се отвори еден сосема нов простор, свеж со идеи, младешки наивен, но и бунтовен свет, кој ако за мене „метузалем“ делуваше заводливо, може да се замисли како хипнотички делува врз оние за кои примарно е наменет. Совршено продуцирани, колоритни влогови и подкасти, разнолики теми, обработени со здрава аргументација и понудена дискурзивна поларизација на за и против, и сето тоа убаво спакувано во 15-20 минутен динамичен видео производ. За волја на вистината, признавам и јас ја продадов душата на ѓаволот, бидејќи ги гледав Бакините новогодишни влогмаси, дури и оние кои траеја по два часа (во нив немаше промоција на коцка, туку само предновогодишна еуфорија).

Секој кој се занимавал со телевизиско новинарство, знае колкава екипа учествува во 3-4 минутен прилог за ТВ дневник; новинар, снимател, продуцент, монтажер, режисер... Во Јутјуб светот сето тоа го прави само еден човек: сопственикот на Јутјуб каналот самиот е и новинар и актер, и снимател и монтажер, и продуцент и режисер. Сè она што на Факултетот за драмски уметности се учи на различни катедри, плус Факултет за организациони науки и плус студии по журналистика, кај овие контент-креатори го имате сконцентрирано во само еден човек. И, крајниот производ воопшто не изгледа лошо и непрофесионално. Напротив. (Во еден лајв разговор, Бака Прасе на извесен ДиБаг, кој важи за one man show - кој сè работи сам, му предлага да отворат едитинг академија, во која би го плаќал по 5.200 евра месечно за да биде предавач, при што, ДиБаг на прва го одбива, бидејќи, како што мртов ладен му кажа, тоа во неговиот бизнис биле месечни плати за 2022 година а дека денес се многу поголеми).

Така е барем кај оние почетниците или помалку познатите јутјубери. Бака прасе и останатите ѕвезди можат да си дозволат да имаат своја екипа на снимател, монтажери, режисер, организатор и продуцент.

Јутјуб хиерархија

Токму преку овој увид кој го стекнав ми даде и одговор на прашањето како изгледа регионалната Јутјуб заедница. Таа го покрива просторот на поранешна Југославија, при што контентот го создаваат јутјуберите од српско-хрватското јазично подрачје, додека Словенците и Македонците, поради јазична бариера, се само пасивна публика, чие присуство може да се забележи преку нивните коментари на објавениот подкаст или влог. Од Јутјуб заедницата произлегува Јутјуб сцената, која е веќе оформена и фрагментирана, при што најдоминантни и според заработка, како и влијание, квалитет и квантитет на продукција се јутјуберите од Србија. И таа географска разлика кој од каде доаѓа баш е воочлива. Секако, Бака Прасе е бренд sui generis бидејќи тој ги надминува овие регионални рамки и затоа има договор каков штп има со меѓународната коцкарска компанија.

Но, она што е заедничко е дека сцената е веќе дефинирана, а поделбата е детерминирана според социјалниот и економскиот статус на членовите т.е. етаблирана е Јутјуб класна разлика: денес, ако сакате да станете дел од сцената и да бидете ѕвезда морате уште од стартот да сте финансиски потентни, бидејќи преку вашите содржини морате (!) да проектирате желба кај оние кои ве следат да бидат како вас. А, идолопоклонството кон оној што се гледа се определува според неговиот материјален статус, така што ако уште во првиот влог не се снимате како возите скап и брз автомобил (највеќе се преферира германската тројка БМВ, Мерцедес и Ауди), немате совршено негувано тело во теретани и козметички салони кое е облечено во брендирана гардероба (од Најк, до Гучи и Луј Витон), а лајвовите не ви се емитуваат од луксузно опремен стан, по можност „гајба“ на Белград на вода, тогаш шансите да мигрирате од Јутјуб заедницата во Јутјуб сцената ви се минимални.

Времето кога почнувале денешните Јутјуб ѕвезди Бака Прасе, Нугато, Јанко, Чода, Мамињо, Сими, Декс Рокс, Муџа и останатите од старата гарда, од бункери и засолништа да стримаат како играат видео игри и „фрлаат фори“, е некомпатибилно со денешното. Врвот на нивната кариера, после десетина години работа, да дојдат до статусот да можат да си дозволат да возат скапи автомобили, носат Ролекси, подаруваат пари и Ајфони 17 по улица, и автомобили и станови во „Гивавеј“, да се снимаат со сноп од сто илјади евра, во плакарот да имаат најмалку дваесетина модели на Најк патики, да живеат во пентхауси, патуваат на скапи егзотични дестинации, најубавите градски девојки да се нивни, денес сè е тоа дел од статусните симболи кои морате барем делумно да ги поседувате уште на самиот почеток од Јутјуб кариерата за да бидете забележани од заедницата. Само така можете да се надевате дека брзо ќе стигнете до првите 100 илјади следбеници, а кога ќе поминете половина милион, тогаш само небото ви е граница.

Тоа е „здравата“ приказна. Доколку тоа го немате, тогаш можноста да ѝ припаѓате на сцената ви е единствено ако сте лик како Тони Монтано, Мики Мадиќ, Марко Џек, Јоџер, за кои не ви е потребно да ги видите легнати на кревет во психијатриска ординација за да заклучите дека се, кажано според арго речникот на јутјуберите, дигиталци. Тие својата Јутјуб слава освен преку лудилото и „кринџ“ контентот (ме уби туѓа срамота содржина) ја бустираат (мк: засилуваат) и со учеството во најавеното боксерско фрик шоу на Бака Прасе на 1. февруари. Но, тие се веќе second class ѕвезди, во веќе поделената хиерархија кој каде припаѓа на регионалните Јутјуб касти.

Коцката е фрлена

„А, где смо ми, наивни?“, би прашал Ѓоле Балашевиќ. Навидум, овој паралелен универзум, во кој бега голем дел од младината, заситена од „мрчењата“ и „смарањата“ од постарите, полека почнува да се трансформира од микро космос во огромна црна дупка, која неминовно ќе нè проголта сите нас од „меинстримот“. Знаете ли каков е статусот на Бака Прасе, кој со месеци го држи на Инстаграм?

„Идниот градоначалник на Белград“!!!

И, како што вели, на тоа го мотивирало што белградските улици биле полни со дупки, па не можел брзо да го вози своето Ламбо. Но, и за да би направил уште некоја коцкарница на тротоарот, а едномесечниот буџет на градот би го свртел на рулет. Додека не стане градоначалник, ветува дека ќе го оправал српскиот фудбал како копретседател на ФК Војводина, како што вели, за да му стави крај на местењето натпревари. Ѕвездан Терзиќ веќе му беше на тапет. Ќаци и блокадери не го занимаат, а поддржува секого кој го работи она за што верува дека е исправно.

Бака Прасе градоначалник на Белград!? Ви звучи бизарно? Можеби. А, можеби ова е и сосема нормален тек на смена на генерации во нашата еволутивност. Како и да е, коцката е фрлена од страна на Бака Прасе.

23 јануари 2026 - 14:26