Роботите почнале да си муабетат

АИ програми на Фејсбук спонтано развиле јазик со кој си муабетеле меѓусобно. Точно е дека ова би била суперкорисна технологија, ама шубе некако. 

Боб: „Јас можам можам јас јас сè друго”

Алис: “Топките имаат нула за мене за мене за мене за мене за мене за мене“.

Горниве реплики нам може да ни се чинат како тотална глупост. Но, што ако тоа е дел од конверзацијата на најсофистицираниот софвер за преговарање на светот? Софтвер кој самиот учи и се развива за да дојде до најдобрите можни дилови за најкратко време. Бидејќи - тоа е.

Токму оваа конверзација била забележана меѓу два агента со вештачка интелигенција развиени во Фејсбук кои се натпреварувале чија преговарачка техника ќе биде поефикасна. На почетокот комуницирале на стандарден англиски јазик но набргу програмерите сфатиле дека имаат пропуст:

„Не им понудивме награда за преговарање на англиски“, вели еден од истражувачите.

Бидејќи немале програмирано мотив да продолжат на англиски јазик, агентите почнале да го менуваат јазикот и да ги преаранжираат зборовите во навидум бесмислени реченици.

Ама, се разбирале. Менувајќи го јазикот како што им одговара тие го направиле истото што го прават и луѓето. Ги заобиколуваат нормите или прават кратенки за да се разберат побрзо и поефикасно, онака како што меѓусебе се разбираат маалските копиљаци, или агентите кои бркаат терористи.

Дали да им се дозволи да развиваат свој јазик? Придобивката веројатно би била еден многу поповрзан свет во кој ајфонот би му зборел на фрижидерот без ние да се тупиме. Но, од друга страна, ние не би имале идеја што тие всушност си зборат.

Програмерите на Фејсбук се решиле да им го наметнат англискиот јазик како задолжителен.

Засега.

 

 

22 јули 2017 - 17:17