Геоинженерскиот метод Зајакнување на алкалноста на океанот (OAE) има за цел да го забрза природниот процес со промена на pH вредноста. Океаните веќе содржат околу 38.000 милијарди тони јаглерод диоксид, заробен како растворена сода бикарбона.
Проектот LOC–NESS е првиот експеримент од големи размери за тестирање на влијанието на OAE на отворена вода. Испуштен е натриум хидроксид за да апсорбира CO2 од атмосферата.
Теоретски, новиот пристап би можел да реши два проблема одеднаш - преземање на вишокот CO2 од атмосферата и фиксирање на зголемената киселост на океаните. Но, практично, никој не знае какви ќе бидат последиците за живиот свет и за средината.

На овие техники се трошат многу ресурси, а нивните еколошки влијанија сè уште се слабо разбрани, предупредува Гарет Канингем од Друштвото за заштита на морската средина.
Ако не реагира со неутрализатор, јаглеродниот диоксид што се раствора во океаните формира блага киселина што полека но сигурно ја намалува pH вредноста. Ова има катастрофални ефекти врз морскиот живот, бидејќи киселината ги раствора оклопите на морските суштества, ги оштетува коралите, дури и забите на ајкулите.
Со одобрение од Агенцијата за заштита на животната средина на САД и соработка со локалните рибари, научниците од океанографскиот институт Вудс Хоул во рок од четири дена истуриле алкални хемикалии во океанот на 80 километри од брегот на Масачусетс. Потоа со автономни едрилици, подморници и бродски сензори следеле како се шират хемикалиите, обележани со црвена боја заради полесно следење.

По неколку дена, научниците измериле дека 10 тони јаглерод влегувал во водата, а pH вредноста се зголемила од 7,95 на 8,3 - што одговара на прединдустриските нивоа. Во најдобар случај, истражувачите проценуваат дека натриум хидроксидот би апсорбирал околу 50 тони јаглерод во текот на една година, што е еквивалентно на просечните годишни емисии на 5 (пет) граѓани. За да се зголеми OAE до степен да ги намали индустриските емисии на CO2, во океаните секоја година треба да се истураат милијарди тони натриум хидроксид.
При истражувањето било откриено дека натриум хидроксидот немал негативни влијанија врз планктонот, ситните риби и ларвите од јастог, но ефектите врз возрасните риби не биле оценети. Областа е популарен регион за риболов на јастози, бакалар и ослич.
Критичари предупредуваат и дека прилагодувањето на pH вредноста на океанот всушност не го решава изворот на проблемот - огромните количини на CO2 ослободени во атмосферата.
Неодамнешни студии предупредуваат дека прекумерното зголемување на алкалноста може да влијае на растот на видовите и биодиверзитетот. Исто така, алкалните супстанции при растворањето ослободуваат метали, кои се акумулираат во океаните и создаваат еколошки ризик.