Светот не ги сакаше ни еврејските бегалци

Иронично е моќната Европска Унија панично да се затвора пред очајници кои сакаат да спасат гол живот заборавајќи дека луѓето се најважниот економски но и морален ресурс, пишува еден аналитичар од регионов потсетувајќи дека континетот мина низ многу слична хаварија со трагичен крај пред Втората Светска Војна.

На предлог на американскиот претседател Рузвелт, летото 19388-ма во бањите Евиан е одржана меѓународна конференција посветена на Евреите кои сакаа да емигрираат од нацистичка Германија (и анектираната Австрија). Стотици илјади очајници се обидувааа да побегнат пред понижувањата, дискриминацијата, омразата, пљачкањето и насилството. Задолжителното носење жолти ѕвезди и масовното убивање ќе следи подоцна, кога бегањето веќе нема да биде можно. Сите учесници на Евианската конференција (освен далечната Доминиканска република) се сложиле дека не можат да ги примат еврејските бегалци а во најдобар случај лицитирале со безначајни минимални квоти. Евреите залудно стоеја во долги колони пред конзулатите, на "ничија земја" меѓу пограничните стражи, или со месеци пловеа на проколнати бродови кои ниедно пристаниште не сака да ги прими. Нацистичката пропаганда ликуваше: "Никој не ги сака Евреите!"

На конфенеренцијата во Evian-les-Baines е пропуштена шанса да се спасат многу човечки животи. Тоа е заборавена, но ништо помалку срамна епизода на европската историја. Фарсата се повторува. Актуелната бегалска криза разоткри неколку болни противречности кои се иманентни на демократијата и европската цивилизација.

Да се отвори Европската Унија за имигранти би било хумано и согласно демократските вредности но истото, се чини, би било спротивно на (демократската?) волја на мнозинството. Европската политичка елита е неспособна да преземе исчекор кои на многумина не би им се допаднал, но долгорочно би бил корисен и - првенствено- морален. Ако навистина има некаква содржина во изветвената фраза за разликата меѓу "политичарот" кој е опседнат само со победа на изборите и "државникот" кој заради морални начела и напредок е подготвен да плива и спротивно на струјата, таа се покажа во оваа бегалска криза.

Нема во денешната Европа политичар кој ќе каже:

- Драги дами и господа, почитувани граѓани и граѓанки, зауздајте ги своите ксенофобични и националистички пориви, откажете се од моралната паника која пред поинаквите и различните се чувствува загрозена. Овие несреќници кои ги запоседнуваат границите на нашата Унија мора да ги пуштиме ако сакаме да останеме луѓе, ако сакаме да сочуваме мирна совест. Каков аир од демократија ако таа е наменета само за одбраните и дали демократијата за одбраните и натаму е демократија или е чисто малограѓанство снобовство и тиранија на лицемерието? Ако гласате за оние кои се против имиграцијата да знаете дека станувате соученици во злосторот и го газите сето она заради кое Европа заслужи, или барем се обиде да заслужи, да биде наречена цивилизација....


Нема таков државник денес во современа Европа. Пред домашната јавност премиерите се фалат како со својата дипломатска вештина успеале да постигнат нивната земја да прими минимална квота бегалци. Преговараат за трошоците за нивното сместување за да искамчат нешто од европските фондови. Градат гранични ѕидови како современа Европа да не почива на негација на какви било гета и на оној, толку пати спомнуван ЅИД чие фамозно рушење како да се дегенерираше во некој нов, невидлив ама уште пострашен ѕид.

По Втората Светска Војна, разрушената и гладна Европа прими преку 10 милиони бегалци од источна Европа. Зошто денешната богата Европа се плаши од неспоредливо помал број бегалци од Африка, Блискиот и Средниот исток? Што тоа Европа чува на на своите пред-стражи во Гевгелија или островот Лампедуса? Да, Европа е татковина на Сократ, Микеланџело, Бетовен и Кант. Европската Унија е величествен миротворен и демократски проект, но Европа е и колевка на нацизмот, расизмот, национализмот и полигон за најстрашни колежи. "Најголемите европски вистини се изговорени под бесилки", рече Крлежа уште пред 80-тина години. Европа е шизофрено растргната меѓу своето богато интелектуално наследство (кое, да не заборавиме, кога се создавало било доживувано како скандал) и верските и етнички војни, меѓу удобните кафеани и масовните стрелишта. Истото тоа шизофрено наследство не ѝ дозволува на Европа да тргне кон граѓанска федерација која еднаш засекогаш ќе го раскине националистичкото самоволие, тој корен на сите европски страдања во последниве 200 години и засолниште на истиот оној менталитет коj ги презира сите кои не го говорат истиот јазик, не слават исти слави, немаат светол тен а оној малогрaѓански и досаден виeнски новогодишен концерт не го доживуваат како врв на таканаречената "култура".

Политичката творба која декларативно тежи кон укинување на внатрешните граници додека истовремено надворешните сака да ги направи непробојни се трансформира во сопствена спротивност и го буди мрачниот страв дека и внатрешните граници некогаш повторно би можеле да станат тврди. Европа сака да биде отворено друштво но се затвора во самата себе а така го затвора и сопствениот ум заборавајќи го историското наравоучение дека само оние цивилизации кои биле отворени за странци и дојденци, биле способни за економски и интелектуални исчекори и дека само такви творби имаат право себе да се перцепираат како морално супериорни.

-----

Затворањето на границите во рамките на кои ќе живеат само заложниците на илузијата за самодоволноста е моментот кога историската и моралната одржливост на некое општество го доживува својот крај. На таквото општество му останува само уште да се сруши во самото себе. Доживувањето на една јавна институција како што е државата како нешто "свое", како "дома" а другите се гости и натрапници, не е никакво достигнување туку банална пропаст, уште потешка кога се доживува како "остварување на соништата'.

Вук Перишиќ

 

30 август 2015 - 09:12